Награди за најуспешни книжевни дела

Авторите Ангелина Бановиќ-Марковска, Ристо Василевски, Јагода Михајловска-Георгиева, Васил Мукаетов и Љерка Тот-Наумова се годинешниве добитници на престижните награди на Друштвото на писателите на Македонија за најуспешни книжевни дела во 2017.

Наградата “Стале Попов” за проза годинава ја доби Јагода Михајловска-Георгиева за романот “Манастир Фуентерабија”. Според жирито, во ова најново остварување авторката “раскажува уникатна и во исто време универзална приказна која според многу нешта е отпорна како на временски, така и на просторни ограничувања…”.

Наградата “Ацо Шопов” за поезија, овој пат ја добива поетот Ристо Василевски за поетската книга “Оди во кругот#.

“Ова е поетска книга-проект на медитативна задлабоченост која на своевиден начин и низ евокацијата на жанрот на одата, ги воспева вредностите на човековиот универзум…”, вели жирито.

Признанието “Димитар Митрев” за критика и есеистика за 2017 и припадна на Ангелина Бановиќ-Марковска, која наградата ја добива за книгата “Дискурс и екскурс”.

“Книгата оперира со искуства од и за културната меморија, која отворено и жестоко говори за балканското јазично, но и книжевно и културно богатство…”, се вели меѓудругото во образложението за наградата.

Поетот Васил Мукаетов пак, за својата стихозбирка “Скокни, прескокни” ја доби наградата “Ванчо Николески” за најдобра книга за деца, за која жирито ќе истакне “Во оваа книга детето е во средиштето на настаните”.

“Книжевен мост” за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите ја доби писателката Љерка Тот – Наумова и тоа за својата книга поезија “Невидлива врата“.

Ова е 17-та книга на Љерка Тот – Наумова, која пишува на македонски и хрватски јазик, и е член на Друштвото на писателите на Македонија и член на Друштвото на писателите на Хрватска. Долгогодишен член е и на хрватската заедница во Република Македонија и уредник на списанието „Хрватски збор“. Љерка Тот Наумова е добитник на неколку престижни награди меѓу кои: наградата “Danica Ručigaj”, за најдобра книга со песни, објавена во 2015 година. Има освоено и други награди во Р. Хрватска „Грб на Општина Решетари“, за соработка меѓу Р. Хрватска и Р. Македонија, како и за поетска креативност, зачувување на хрватската култура и наследство.

Љерка Тот Наумова е мост кој постојано се зајакнува помеѓу Р. Македонија и Р.Хрватска, особено на полето на културата.

Инаку, на конкурсот на ДПМ пристигнаа 76 дела од сите жанрови. Одлуките за најуспешните остварувања ги донесоа жири-комисии составени од 15 истакнати писатели, универзитески професори, научни работници, критичари и есеисти.

Информации

Објавено на

06/02/2022