English French German Macedonian

Промоција на двата тома од собраните ракописи на Павел Шатев - Историја на Македонија и Борис Сарафов

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ и Државниот архив на Република Македонија на ден 30.01.2013 во просториите на НУУБ „Св.Климент Охридски„ - Битола ги промовираа двата тома од собраните ракописи на ПАВЕЛ ШАТЕВ - ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА и на БОРИС САРАФОВ (биографија).
Книгата „Историја на Македонија“ од Павел Шатев, е  прв том од оставината на Шатев, чии трудови досега речиси воопшто не се објавувани во Македонија.
Изборот и преводот е на Предраг Димитровски, кој е автор и на воведот, а стручната редакција, коментарите и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.
Присутните ги поздрави г-дин Науме Ѓоргиевски директорот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола.

Во богатата оставина на Шатев, меѓу другото, се зачувани и повеќе трудови за историјата на Македонија, кои според опфатот на историските периоди ја зафаќаат речиси интегралната историја на Македонија. На историјата на Македонија Шатев и се посветил последните години од животот, користејќи и цитирајќи релевантна светска литература.
Трите пообемни труда на Шатев кои ја опфаќаат речиси интегралната историја на Македонија и претставуваат прва покомплетна Историја на Македонија, напишана од еден македонски интелектуалец се: 1) Македонија низ вековите. Македонија во древноста, средниот и новиот век; 2) Доаѓањето на Турците на Балканскиот Полуостров. Ропство под владеењето на турските султани (пишуван во 1944 година во затворот во Ќустендил) и 3) Врховизам и централизам-федерализам. Два светогледа, два концепта.
На крајот на книгата, како прилог, е објавена и македонска хронологија изработена од Шатев, која го опфаќа периодот од 1878 до 1903 година.
На почетокот на првиот дел, Павел Шатев ја наведува следната предговорна белешка: - Трудот што настанува е само дел од историјата на Македонија низ вековите. Тоа е повеќе еден аспект во кој некои точки, што засегаат одделни прашања, до скоро спорни во науката, се разработени, уточнети, објаснети од лица специјалисти – археолози, историчари, етнографи, општественици. Со тоа се придонесува младото поколение да се запознае и осветли со редица прашања за кои толку живо беа заинтересирани сите наши млади и стари дејци и општественици... Јас ќе сметам дека целта на книгата е постигната ако предизвика интерес кај некои историчари – специјалисти, со определени принципиелни и методолошко надминати појдовни позиции, да ги разработат, расветлат и уточнат и останатите прашања од историјата на Македонија од древноста до наши денови“.
Оставината на Шатев има повеќе од 4000 страници во ракопис и уште три труда посебно објавени во Бугарија непосредно по Првата светска војна. Оригиналните ракописи и целокупното зачувано творештво на Павел Шатев се наоѓаат во Државниот архив на Хрватска, а микрофилмовите со право на објавување минатата година на новинарот Предраг Димитровски му ги отстапи Милка Шатева – ќерка на Павел Шатев.
Издавачот соопшти дека во неколкуте тома од пишаната оставина на Шатев, покрај неговите трудови, документи и материјали, ќе бидат објавени и белешките за него и записниците од неговите сослушувања во некогашната ОЗНА, а сето тоа заедно, наведува издавачот, ќе фрли нова светлина не само врз името и делото на еден од најзначајните македонски дејци на 20 век, туку и врз македонската историја.
- Како што Предраг Димитровски пишува во воведната белешка, пренесувајќи го и мислењето на Милка Шатева, „единствената грешка на нејзиниот татко Павел Шатев била што тој никогаш не се согласил да биде комунист и тоа го платил со својот живот. Дали тоа навистина било пресудно е работа на историчарите, но непобитен е фактот дека името на последниот гемиџија, бриселскиот доктор по право, конспиративецот и прв министер за правосудство на слободна Македонија стана парадигма за сликата на македонскиот револуционер. Двапати осудуван на смрт, еднаш од турскиот султан и вторпат од бугарскиот цар, и на двапати помилуван, стана жртва на сопствената Македонија на која и го посвети целиот свој живот, информира издавачот на книгата „Историја на Македонија“ од Павел Шатев.

Сподели на Facebook