Кафе и книги со наши локални писатели

PDFПечатиЕ-пошта

( 0 Гласа )

НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола овој пат на кафе беше со Весна Трајковска. Весна е професорка по македонски јазик и литература во СОУ „Таки Даскало“- Битола, прекрасна  жена која што е пример дека никогаш не е доцна да се преточат мислите во пишани зборови.

Таа ни раскажа една многу интересна приказна од својот живот. Весна е ќерка на познатиот писател Цане Здравковски, кој што зад себе остави премногу дела, но од друга страна и голема празнина во животите на своите деца. Весна ни раскажа: „Татко ми целото свое слободно време го поминуваше творејќи.

Ретко го гледавме, бидејќи постојано беше затворен во својот кабинет каде што секогаш работеше на некое ново дело. Во неговите последни мигови  ми остави аманет дека морам да почнам да пишувам.“
Животот секогаш знае да нѐ изненади со своите пресврти. Секој миг може да донесе нешто што ќе ни го смени животниот правец во сосема друга насока.  Весна ни кажа : „Една вечер бев повлечена од некоја универзумска сила, со мисла дека морам  да ги запишам сознанијата до кои што доаѓав долги години претходно. Седнав и почнав да пишувам. Тоа беше на 11.11. 2017 година. Овој датум ќе ми го промени животот”.
Овие запишани мисли го создадоа нејзиниот прв роман „Души близнаци 11: 11 “, промовиран точно после една година на 11.11. 2018 година. Овој роман стана бестселер во Македонија и е продаден во илјадници примероци. Секоја случајност не е случајна.
После овој пресврт веќе нема застанување. Весна Трајковска оваа година на 14 .2.2021, на денот на љубовта и виното, го промовира романот „12Д“(12 димензии на свесност) .Тоа е роман продолжение на претходниот, но овој пат е опишана близначката љубов низ универзумот на различни планети и во различни димензии на свесност.
За овие два романи, Весна ги добива наградите „Роман на годината” за книгата „Души близнаци 11 :11 “ и „Роман на деценијата“ за  романот „12 Д“ од фондацијата „Такец“. Романите се преведени и на српски и на англиски јазик и веќе се продаваат низ балканските земји, со што Весна го афирмира македонското творештво и надвор од нашите граници.
Кога ја замоливме да им испрати порака на нашите верни читатели, Весна низ насмевка ни рече:„ Да читаат. Без читање сите сме празни во душата. Понекогаш е доволно само една прочитана мисла да го промени на подобро животот на читателот“.
Не се сомневаме дека многу наши верни читатели веќе ги имаат прочитано нејзините романи, но  на оние коишто сѐ уште ги немаат, топло им ги препорачуваме.

Сподели на Facebook