На ден 6.3.2024 година, присутните на настанот „Три епизоди од историјата на жените“ имаа можност да присуствуваат на еден поинаков историски час – да размислуваме и зборуваме за тековите на историјата на жените од македонското и светското минато, а со тоа и суштински да учествуваме во културата на одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 март.

Историчарката Ивана Хаџиевска не поведе низ нарацијата за 20 век – доба на екстремни и радикални промени во животот на луѓето во Европа, но и за фасцинантната приказна за човечката борба и потреба за цивилизациски скок.

Присутните имаа можност повеќе да научат за учителките Недела и Станислава Петкови и за важноста на образованието на девојчињата на преминот помеѓу 19 и 20 век, како и за создавањето на нашето прво женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“?

М-р Фатма Бајрам Аземовска, раководител од областа на Развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста во Битолската библиотека зборуваше за дел од жените кои го променија светот. Жените низ годините, со нивната храброст и одлучност се доказ дека не секогаш женскиот пол е и понежниот. Тешко е да се набројат сите жени кои придонеле денес да живееме подобро.

На крај Викторија Михајловска од невладината огранизација „Сумнал“ зборуваше за проектот „Ромски школи за феминизам и лидерство во Европа: обука на ромски тренери за вклучување на млади ромки“. Младите жени ромки се соочуваат со социјална исклученост на дневна основа, неможејќи да постигнат целосна инклузија, особено во многу делови на Европа. Уривањето на овие бариери бара специфична обука за лидерство, зајакнување и самодоверба, но во моментот нема училишта за тоа.

М-р Ивана Хаџиевска е родена во Битола, историчарка со специјализација во областа на социјалната историја. Авторка е на бројни објавени студии на национално и интернационално ниво, од областа на социјалната историја и историјата на жените. Пишува и есеи посветени на културна критика. Во последната објавена студија таа се јавува како коуредничка: „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“ (Скопје: ЦИНИК, 2022).

На крај на учениците од основните училишта „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Трифун Пановски“ и учениците од средното училиште СОУ „Јосип Броз Тито“ – Битола ги запознавме со есејот кој треба да го пишуваат на тема

„Историјата на жените од македонското минато до денеска“и до 1 април 2024 година да го достават на нашиот е-маил: nuub.bitola@gmail.com со назнака „Есеј на тема – историја на жените“.

За најдобрите есеи следуваат награди на настанот на кој ќе бидат прочитани и наградени.

Ги повикуваме сите ученици да користат материјали од нашата Библиотека, како и од следниве ресурси:

Едукативни видео материјали: „Испреплетени истории“ – Центар за истражување на национализмот и културата – Скопје // https://cinikskopje.wordpress.com // https://www.youtube.com/playlist…

Визуелни и наративни материјали: nevidliviarhivi.mk

Исто така во холот на Библиотеката е поставена изложба на периодични списанија на тема „Жена“ .

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook