Во соработка со Српскиот културно информативен центар СПОНА во Библиотеката се одржаа две предавања на теми кои се дел од научните истражувања на Мр. Дејан Милорадов, стручен соработник во Одделението за книжевност и јазик на Матица Српска од Нови Сад (Р.Србија) и Александра Новаков, стручен соработник во Лексикографскиот оддел од Матица Српска.
На настанот беше присутен и се обрати Почесниот конзул на Р. Србија, г. Михајло Филев од Охрид.
Александра Новаков зборуваше на тема „Старите српски школи во отоманскиот период“ во Битола преку голем број на фотографии од тоа време, а беа прикажани и делови од филмот кој е снимен во Битола.
Предавањето на Мр. Дејан Милорадов е плод на теренските истражувања каде што авторот зборуваше на тема „За Шарганот и Маловиште на планината Баба“, етимологија на зборовите врзани со поимот „шарган“ и употреба на зборот во различни облици, а на присутните им даде голем број на информации поврзани со обичаите на Брсјаците и нивниот говор. Присутни беа и дел од вработените од Националниот парк „Пелистер“, како и сите кои помогнаа во теренските истражувања. Присутните имаа прилика да разговараат за важноста од научните истражувања кои ќе допринесат за подобро запознавање со културното наследство на овие простори.
Матица Српска на Библиотеката и подари дел од книгите, што е само прв чекор во соработката како во областа на научните студии, така и од областа на литературата.
Овие предавања се дел од реализација на проектот на „Спона“ и Матица српска и се мошне значајни за истражувања од областа на културното наследство на нашата држава.
М-р Јелена Петровска, библиотекар советник
Програмски раководител
Битола,30.10.2024.г.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook