НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола овој пат на кафе и книга беше со младата поетеса Марија Бакиевска која што деновиве ја промовираше своја прва збирка поезија. Градот Битола е ризница на млади писатели, која секој ден ни нуди по некој прекрасен творец. Марија е млада девојка која моментално работи и живее во Хрватска, но срцето и е секогаш тука во својот роден крај.

Оваа средба ја искористивме да ја запрашаме за нејзината прва книга, како таа успеа да направи една прекрасна збирка со песни. Таа ни кажа дека оваа книга е плод на скоро децениско творење. Од своите 16 години таа почнува да ги запишува своите први посериозни записи. За после 8 години да се охрабри да ја даде во печат својата прва книга поезија „Пушти ги нека зборуваат“.

За книгата таа ни вели:„ Во оваа книгата опфатени се 160 песни од најразлични теми. Сите овие песни ми се групирани во 5 клучни теми: првата тема го носи самиот наслов„ Пушти ги нека зборуваат“, втората тема е СЕБЕРЕФЛЕКСИЈА која ја сметам како еден важен темел за она што ќе го градиме врз нашето јас сум јас, третата тема е ТИ СИ ТИ која и тоа како е важен двигател за пуштањето на она што другите го зборуваат за нас, четвртата тема е ЉУБОВТА КОН СЕБЕ, без таа љубов тешко е да влеземе низ вратата од убавината на животот, петтата тема е ЧУВАЈ СИ ГО СРЦЕТО, да убав мој човеку да го чуваме слухот и говорот кои доаѓаат на престолот на нашето срце!

Секоја нејзина песна оди во длабочина а не во ширина, така полесно се стигнува во душата на писателот. Нејзината душа неуморно твори. Таа веќе ни подготвува 2 нови книги, кои со нетрпение ги очекуваме.

За крај ја замоливме да ви се обрати вас, наши драги читатели:„ Она што сакам да им го пренесам на читателите! Дека е време за нова страна во нашите животи и таа нова страна пишувана од нас, а не од другите, доста одложуваме, доста потиснуваме, доста самите себе се лажеме, време е да ги пуштиме што другите зборуваат за нас, време е да се слушнеме што ние самите си зборуваме на нас! Ве љубам, Марија!“

А ние ја поздравивме и и посакавме за брзо да ни подари нови дела пишани со истиот елан и љубов како првата книга.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook