НУУБ „Св. Климент Охридски “ – Битола секогаш ги прати новините. Секогаш се трудиме да ги имаме сите жанрови на книги, со кои ќе ги задоволиме сите вкусови на нашите читатели. По тој повод овој пат на кафе ја поканивме младата писателка Ивана Балтовска која пишува трилери. Еден од најмистериозните стилови кои до крај те држат во неизвесност. Кога ја запрашавме зошто го одбра баш овој стил за пишување, таа ни раскажа за своите почетоци: „Започнав со пишување некаде во прва година средно училиште. Ги запишував сите весели, но и тажни моменти што ми се случуваа. Водев еден вид на мини дневник. Ретко пишував и поезија, но некако прозата повеќе ме привлече. Мојата љубов кон правото и мојата професија беа причината јас да почнам да пишувам ваков стил на книги.“ Ивана Балтовска е магистер по кривично право, нејзината љубов кон наоѓањето на правдината преку откривање на сторителот е уште посилна инспирација за да ги напиши овие книги. Кога ја запрашавме како ја избра оваа професија и што ја привлече, таа ни раскажа: „Од секогаш сакав да сум обвинител или инспектор за крвни деликти. Да истражувам што точно се случило во некоја несреќа и на крај да се изборам за правдината на жртвата. За да се дојде до вистината секогаш треба да се разгледаат двете можни сценарија. Едното на сторителот, а другото на жртвата.“ Нејзина прва објавена книга е „Неискажани зборови“ за која добива втора награда „Книжевни меридијани“ и печатење на книгата на конкурсот објавен од „Дата Песнопој-Битола“. Од оваа книга нејзин најомилен расказ е „Неоснованиот страв“ во кој се зборува за стравот од нешто што сите непотребно го чувствуваме. Наредните две книги се психолошки трилери, кои мора да се читаат со внимание, но и тогаш вистината ќе Ве изненади на крај. За„Пајажина од тајни“, Ивана ни раскажа накратко дека се работи за испреплетени тајни и неизвесност кој е убиецот. Додека во „Чекор пред нив“ се зборува за сериски убиец кој секогаш е чекор пред полицијата, за да дознаете кој е и дали ќе биде фатен на крај, треба што побрзо да ја прочитате книгата. За крај ја запрашавме дали работи на нешто ново, а таа со задоволство ни кажа дека веќе наредната книга „Споменар на пеколот“ чека да биде испечатена. За крај, на младата Ивана и посакавме уште поголеми успеси и се договоривме за наредни соработки, а таа на нашите верни читатели им посака: „Секогаш одберете книга која ќе успее да ви го привлече вниманието и да ве држи во неизвесност до крај. Можеби не секоја книга ќе ве натера да не ја испуштате од рацете, но ве уверувам дека трилерите ќе го постигнат баш тоа. Така што, секогаш читајте и збогатете го вашето искуство со уште една новопрочитана книга во вашиот живот, бидејќи книгите се најголемото богатство.“ Подготвил: м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски