Здружението за македонско-германско пријателство соработка од Битола започна да ја реализира својата годишна програма. Меѓу првите активности е работилницата за професори по германски јазик на тема „Збор и игра во наставата“ чиј реализатор беше г-дин Тимо Брунке од Штутгарт, Германија. На работилницата зедоа учество 22 професори по германски јазик од Битола, Прилеп, Охрид и Скопје. Присутните ги поздрави д-р Лили Бошевска директор на НУУБ Св. Климент Охридски Битола во чии простории се одржа работилницата и претседателот на ЗМГПС д-р Валентина Илиева, којашто меѓу другото истакна дека „ЗМГПС од Битола добива преку Гете институтот во Скопје и Германската Амбасада во Скопје активности кои ние во Битола ги организираме. Гостувањето на уметникот Тимо Брунке го организиравме во 2008 г. тогаш во форма на работилница за студентите од Педагошкиот факултет Битола кои студираа германски јазик и книжевност. Поттикнати од успешните настапи и работилници на г-динот Брунке низ светот кои можевме да ги пратиме на неговата веб страна и издавањето на неговата книга ,,Збор и игра во наставата,, во јуни 2015 година во форма на прирачник за професори по германски јазик одлучивме оваа година да го поканиме на работилница за професори по германски јазик во Битола. На нашата покана до младиот наставен кадар се пријавија професори кои предаваат во основните и средните училишта во Битола, Прилеп и Скопје. Ние сакаме, нашите млади професори по германски јазик со помош на вакви манифестации, да се надоградуваат во нивните познавања за методиката на наставата по германски јазик, а како методичар – научник ќе дозволите да ја истакнам огромната важност на методиката во пренесување на еден странски јазик. Целта на оваа работилница е учесниците да понесат современи конкретни примери за креативна, современа и комуникативна настава по германски јазик, за да можат и подолго време тие примери да ги користат во наставата за нејзино унапредување. На крајот од работилницита професорите учесници ќе го добијат прирачникот ,,Збор и игра во наставата,, од авторот Тимо Брунке, подарок од нашето здружение. Со тоа предвидовме секој учесник да ја збогати својата лична стручна библиотека токму со овој важен прирачник. Голема благодарност до Гете Институт Скопје и Амбасадата на С Р Германија, кои ги поддржуваат нашите активности и ни помагаат во реализација на нашата годишна програма“