Во насока на постојано едуцирање и информирање на македонските пчелари и насочување на македонското пчеларство кон современите европски и светски пчеларски текови, како и граѓаните кои сакаат квалитетно користење на слободното време, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, во соработка со ПЗ Мариовско Пелагониски пчелари организираше предавање на тема „Штетници на медоносната пчела – актуелности и можни предизвици“.

Предавањето за заштита на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) – MacBee и штетници, инсекти кои ги нарушуваат пчелните семејства, го одржа предавачот Мирољуб Голубовски од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Присутните со интерес го проследија предавањето и дискутираа на актуелните теми од областа на пчеларството и апикултурата.

Токму програми кои што произлегуваат од заедницата ја ставаат библиотеката во улога на аниматор и промотор на едукативните програми кои се во корелација со библиотечните специјализирани фондови.

Библиотеката во рамките на програмата УН Агенда 2030 и понатаму ќе организира предавања, работилници и активности за развој на едукативните, културните и информациските потреби на сите профили на корисници.

Битола, 10 март 2023 г.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook