Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на ден 16.11.2022 г. со почеток во 11:00 ч. ќе се одржи вториот дел од настанот „Денови на COBISS“ во Република Северна Македонија.
Настанот во Битола ќе го отворат директорот на Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола – м-р Бојан Стефановски, директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје г. Рахметула Куќи и директорот на ИЗУМ, д-р Алеш Бошњак.
На овој настан ќе присуствуваат претставници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, проректорот за настава и деканите на единиците на универзитетот и други гости. Пред присутните ќе биде претставена COBISS платформата што се применува за развојот на националниот библиотечно-информациски систем COBISS.MK, со цел факултетите од овој Универзитет да се вклучат и да станат дел од системот. Ќе бидат претставени и информацискиот систем за истражувачката дејност E-CRIS.MK, дигиталниот репозиториум dCOBISS и меѓународната база Unpaywall.
Свои излагања ќе имаат повеќе поканети излагачи од нашата земја и од Институтот за информациски науки – ИЗУМ од Марибор, Словенија, со кои ќе се осврнеме на досегашните активности и искуства од работењето на националниот библиотечно-информациски систем COBIS.МК, како и на плановите за неговиот иден развој. Гостите од Словенија ќе ги презентираат дигиталниот репозиториум dCOBISS, нова апликација во системот COBISS која овозможува чување на дигитални содржини, меѓународната база Unpaywall која содржи неколку десетици милиони научни статии со слободен пристап и со линкови до целосните текстови (главно во pdf-формат, а до која може да се пристапи преку веб-апликацијата COBISS+, како и функционирањето на нормативната контрола на лични имиња и точки за пристап во системот COBISS. Наши стручни лица со свои излагања ќе се осврнат на примената на повеќе сегменти од програмската опрема COBISS во тековното работење на библиотеките, активностите од новите проекти што ги води Националната библиотека како национален COBISS-центар на полето на нормативната контрола, како и функционирањето на E-CRIS.MK, информацискиот систем за истражувачката дејност во Македонија.
Настанот ќе биде прилика за меѓусебна размена на мислења и искуства, зајакнување на меѓусебните врски на библиотекарите во системот COBISS.MK, како и можност за разрешување на различни отворени прашања со колегите од Словенија.