Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа прекрасна креативна работилница со претставници од Здружението на дијабетичари на општина Битола во соработка со претставници од Здружението за уметнички ракотворби од Битола.

Оваа работилница беше во склоп на проектот за психосоцијална поддршка на ЗДОБ.

Психо-социјална поддршка претставува обезбедување на психолошки и социјални ресурси на лице кое има таква потреба, наменета во корист на неговата способност да се справи со проблемите со кои се соочува. Психо-социјалната поддршка помага да се зајакне отпорноста на стрес, ги оспособува луѓето да се повратат и закрепнат од криза, како и поефикасно да се носат со други критични случувања во животот. Исто така, тука е вклучена и секоја поддршка која што луѓето ја добиваат за да го заштитат или унапредат своето ментално здравје и психо-социјална благосостојба. На тој начин се превенираат и посериозни нарушувања, како на пример: депресија, анксиозност или посттрауматско стресно нарушување.

Терминот „психо-социјално“ се однесува на динамичен однос помеѓу психолошките и социјалните ефекти на ситуацијата. Овие две димензии се многу тесно поврзани:

Психолошки димензии: внатрешни, емоционални и мисловни процеси, чувства и реакции.

Социјални димензии: односи со луѓето и опкружувањето, семејни мрежи и мрежи во заедницата, социјални вредности и културни обичаи.

Овие работилници имаа за задача да не зближат, повторно да научиме да се дружиме без мобилни телефони, а воедно и да бидеме продуктивни и креативни.

Плетењето е еден вид на медитација, која има голем бенефит за создавање на позитивно чувство и релаксација.

ЧОВЕКОТ КОЈ КРЕИРА – ПОСТОИ, РАБОТИ, ЖИВЕЕ И Е ЗДРАВ. КРЕИРАЊЕТО Е ПОВРЗАНО СО НАШЕТО ПОСТОЕЊЕ. НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА КРЕИРАТЕ!

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook