Неврохирург, преку хипноза го пере умот на група девојки. Медиумите го нарекуваат ‘Хипнотизерот’. Тој ги користи девојките како експериментални глувци – експериментира со нивните умови со употреба на разно-разни методи. По тие сесии девојките изгледаат поразлично и немаат контрола на нивните умови: ги губат своите сеќавања и стравови или пак сеќавањата стануваат помалку важни за нив. Иако се свесни, повеќе не се грижат.
Млада девојка со име Татјана е во потрага по среќа. Таа сака да замине што подалеку од родниот град, во кој веќе нема ништо освен гнев и сеќавања од она што го изгуби. Можноста да замине ја плаши, но воедно и ја возбудува. Адреналинот почнува да ѝ создава немир и таа со некоординирани чекори се упатува во непознат правец, каде што директно паѓа во замка на Хипнотизерот.
Од друга страна пак, тројца момчиња познати деликвенти сакаат да учат од своите грешки и да станат подобри. По сплет на околности, случајно ја откриваат Татјана и другите девојки во магацин – каде сите девојки шетаат дезориентирано. Момчињата се впуштаат во опасна игра со цел да ги ослободат девојките. Колку повеќе се трудат да најдат начин за излез, толку повеќе наидуваат на препреки. И кога успеваат да дојдат очи во очи со Татјана, тие сфаќаат дека таа не е како и другите девојки…