Иако Турција може да се гордее со своите книжевни традиции особено со нејзината поезијата под силно влијание на персиските стихови, таа сепак долго време беше нација без својот Толстој, Флобер или Остин. Дури во XX век по падот на Османлиското Царство, нацијата зазема наклон кон запад од кој почнуваат да излегуваат големи романсиери.
Со нашиот избор на десет турски романи, сакаме да ги истакнеме книгите кои даваат далечен поглед на една тешка срцепарателна историја на турскиот народ и нивната култура, изразена во различните стилови на нивните автори. Кога ќе се запрашаме кој ја дефинира турската литература, дали тоа се прикажувањата на Памук за општеството заглавено помеѓу модерноста и традиционализмот, или романите на Шафак кои ги нагласуваат тешкотиите да се биди жена во Турција, сепак сметаме дека постои голема рамнотежа и испреплетеност помеѓу нив. Големата турска литература дискутира околу сериозни проблеми со кои се соочува турскиот народ, но и покрај тоа нивната приказна ќе го допри срцето на читателот и ќе стави насмевка на неговото лице.
Според наше истражување на турската литература, овие се едни од најзначајните турски дела кои може да ги најдете полиците во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.
- Копилето од Истанбул, Елиф Шафак (М II 33879)
Елиф Шафак е една од најчитаните современи турски писатели која што во духот на мистичниот реализам ја провлекува историјата, мултикултурализмот, хуманизмот и родовите права, испреплетени во усните преданија на Истокот и пишаниот збор на Западот.
Полна со живописни и незаборавни ликови „Копилето од Истанбул“ е храбра моќна приказна што ја вивнува Шафак на врвот од светската книжевна сцена. Дејствието се одвива во Турција и Америка, каде што се расветлува долго чувана тајна што поврзува две фамилии уште во далечната 1915 година.
2. Ноќта на зелената самовила, Ајфер Тунч (М II 39317)
Во овој современ роман пишуван во разговорен стил, на извонреден начин е прикажано колку се безвредни надворешната убавина, интелегенцијата и чистата душа на секој млад човек ако покрај себе нема за пример пожртвувани и добри родители. Доста сликовито е прикажана залудно потрошената младост на една убавица. Свесна за својот промашен живот решава да се жртвува докрај, со единствен цел – колку што е можно повеќе да им помогне на идните генерации да не бидат жртви на општеството.
3. Mузеј на невиноста, Орхан Памук (М II 32267)
Романот ја опишува љубовта на главниот лик Кемал Басмаџи, роден во богато семејство во Истанбул. Тој е во брак со Сибел, но е вљубен во неговата подалечна роднина Фусун, чие семејство е многу посиромашно. Всушност „Музеј на невиноста“ е прекрасен поетски, психолошки и социјален роман којшто зборува за возвишена, скоро идеална љубов, каде авторот ја потенцира возвишеноста на идеалот за љубовта како слободна, неоптоварена со ниедна конвенција, човечка и чиста.
4. Vašljiva palata, Елиф Шафак (М II 39682)
Во овој роман Шафак ја користи наративната структура на познатата „Илјада и една ноќ“, создавајќи приказни во приказна кои се сржта на овој духовит роман, со кои го отвара срцето на читателот. Заплетот на овој роман се одвива во палатата Бонбона, сместена во поранешно раскошен станбен дел во центарот на Истанбул. Палатата сега е тажен и запуштен дом на десет потполно различни луѓе. Кражба на „богатство“ од палатата ќе ги поттикне нејзините станари во сопствена потрага по вистината во низа мистериозни настани.
5. Душевен мир, Ахмед Хамди Танпинар (М II 38571)
Конфликтот помеѓу Западот и Истокот, традиционалното и новото, индивидуалноста наспроти социјалната одговорност, се темите кои се прекршуваат во умот на главниот лик Мумтаз кој сака да излезе на крај со нив. Но тој не може да најде одговори на прашањата од егзистенционална природа ниту во религијата ниту во љубовта. Токму затоа Танпинар остава отворен крај за да можат читателите барем за момент да бидат вистинските одгатнувачи на фаталната вистина за животот, кој на овој или оној начин крие безброј тајни и искушенија низ кои треба да се помине.
6. Последниот воз за Истанбул, Ајше Кулин (М II 37291)
Кога Селва, ќерката на еден од малубројните преостанати отомански паши се вљубува во згодниот евреин Рафаел, нејзиното семејство му се противи на бракот и ја отфрла. Решени да започнат нов живот Селва и Рафаел заминуваат за Франција, меѓутоа среќата и таму им го врти грбот. Започнува Втората светска војна, а младите љубовници ќе бидат вовлечени во ужасите на Хитлеровата идеологија. Проткаена со волшебните мириси на Истанбул и мистичната атмосфера на Истокот, ова приказна на Кулин е посветен на сите обични луѓе и не опеани херои кои заради идеалите ги ризикуваа животите.
7. Мадона во крзнениот мантил, Сабахатин Али (А II 47896)
Овој бисер на турската литература за првпат беше објавен во 1943 година и неговиот превод стана еден од најчитаните турски бестселери во светот. Поставувајќи ги на виделина невидливите ликови на луѓето, Сабахатин Али ни ја доловува сликата на една голема страст. Во книгата се поставуваат прашања за луѓето кои што ги снемува од нашите животи, за нестабилноста на животот и за доживувањето на една невозможна љубов. Сето тоа ни го прикажува преку судбината на еден млад и срамежлив човек од рурална Турција, кој се преселил во Берлин во 1920 година, каде запознава жена која што ќе го обземе до крајот на неговиот живот.
8. Институт за регулирање на времето, Ахмед Хамди Танпинар (М II 37819)
Романот зборува за формирање на Институт за регулирање на времето, кој го менува времето на часовниците на Турција според времето во Европа. Во него на специфичен начин е проблематизиран современиот турски идентитет, којшто повеќе го задржува одошто го отстранува „османлиското“ во себе и се смета за книжевно ремек-дело на иронијата и сатирата на турското општество на преминот од Империја во Република.
9. Звуците на бананите, Еџе Темелкуран (М II 35761)
Токму ова комплексно дело со длабока рефлексивна проза, со политички и социјален набој, во кој преку индивидуалните судбини се вплеткуваат меѓусебните влијанија на отворените конфликти на државите, верите, расите, конфликтот на западната и источната култура, на мирот и војната, минатото и сегашноста, љубовта и омразата. Сето тоа во преку 300 страници комплексна нарација на авторката, го направи овој роман меѓу најпопуларните современи романи во Турција.
10. Снег, Орхан Памук (М II 31986)
Мемоарите за родниот Истанбул го инспирираат Памук и го претставува во повеќето свои романи. Но неговото дело „Снег“ не носи на далечниот исток во пограничниот град Карас. Таму за време на снежна бура, поетот–новинар по име Ка, под силни емоции известува за самоубиствата на жени од тој крај и се наоѓа себеси заплеткан во серија мрачната настани. Тој разговара со личности чии догматизам виси помеѓу екстремниот и модерниот Ислам и на еден начин ни ја отсликува модерна Турција со сиот нејзин сјај и мрак.
Маријан Колевски, библиотекар