НА ДЕЦАТА ИМ Е ОНЕВОЗМОЖЕНО ДА ЧИТААТ ПОРАДИ ЗАДОВОЛСТВО

Овогодишниот настан на Светскиот ден на книгата кој е на тема „Читај го она што го сакаш!“, има за цел да ги охрабри младите читатели, бидејќи во свое истражување ни откриваат дека значителен број од нив, се чувствуваат обесхрабрени да го следат сопствениот вкус

            Додека Светскиот ден на книгата го одржува својот годишен настан за промовирање на читањето за задоволство кај децата, новите истражувања покажаа дека повеќе од една третина од децата не можат да изберат книга што сакаат да ја прочитаат, а секое петто се чувствува осудено за она што го чита. „Децата ни кажаа дека мислат дека нивниот избор за читање го одредуваат возрасните околу нив“, рече Кеси Чадертон, извршен директор на Светскиот ден на книгата. „Тоа ги обесхрабрува и им оневозможува да читаат од задоволство и по сопствен избор“.

            Со истражувањето врз 1.000 деца на возраст 7 – 14 години во Обединетото Кралство, спроведено од консултантската компанија Beano Brain во јануари 2024 година, децата исто така беа прашани за хобито на нивните родители. Само 25% од децата рекле дека нивните родители се релаксираат со читање дома, додека 56% рекле дека нивните родители прелистуваат на телефонот и 52% гледаат телевизија. „Возрасните обично ви кажуваат да читате, но потоа тие одат на нивните телефони“, им рекол еден 11-годишен нечитател на истражувачите. Голем дел од испитаниците рекле дека би уживале во читањето ако тоа им било по занимливо (30%) и ако нивните родители им дозволат да го читаат тоа што го сакаат (28%). Едно од четири деца рече дека е принудено да чита книги што не сака да ги чита.

            „Имав дете во училницата кое ја имаше книгата што сакаше да ја видам дека ја чита, а под неа ја криеше книгата што навистина сакаше да ја прочита. Книгите што ги сакаат можеби се лесни за читање или во нив има ликови со кои тие се поврзуваат, но важно е ние како воспитувачи во училницата да не го искажуваме своето мислење за тоа дали тоа е книгата што треба или не треба да ја прочитаат“, рече Алис Рид, наставничка во основното училиште Бакингем во Хемптон.  

            Во извештај на Национална организација за литература на Обединетото Кралство (National Literacy Trust) особено е истакната „кризата на писменоста“ со која се соочува нацијата, каде 40% од 11-годишниците од слабо развиените средини го напуштаат училиштето без да ги достигнат очекуваните нивоа за читање. Покрај ова, повеќе од половина од децата не уживаат во читањето во слободното време – „Ова е најниско ниво што сме ги виделе во речиси две децении и тоа допринесува за ниско ниво на писменост, особено за децата и младите кои се соочуваат со сиромаштија“, рече Фиона Еванс, директор на училишните програми во НЛТ (National Literacy Trust).

            Библиотеките се клучни во промовирањето на читањето за задоволство, бидејќи им дозволуваат на децата да избираат од големиот опсег на книги. На училиште можеби имаат одредени книги што треба да ги читаат, додека во библиотеката детето навистина може да ги открие своите интереси. Библиотеките исто така можат да помогнат и во решавањето на некои социјални проблеми предизвикани од кризата со трошоците за живот. Има милиони деца чии семејства не можат да си дозволат да купуваат книги, така што имањето пристап до библиотеката и можноста библиотеката да се фокусира на дополнителна поддршка за тие семејства е навистина важно. Ние сме во момент кога библиотеките навистина треба да помогнат во процесот на образованието, писменоста во раните години, подготвувањето на децата за училиште и поддршката на обесправените семејства и деца. Затоа да не чекаме и на младите да им ја всадиме љубовта кон читањето од најрани нозе, бидејќи знаењето и книгите се наше најголемо богатство!

Преземено и адаптирано од: https://www.theguardian.com/

Информации

Објавено на

03/04/2024