Доделена наградата за „Роман на годината“ (2017)

„Одбројување“ на Фросина Пармаковска, објавен од издавачката куќа „Или-Или“, ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година, која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Одлуката ја донесе жири во состав: Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“, и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Според образложението на жирито, романот „Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие.

– Приказната е структурирана во три дела, каде низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименуваната нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го прифати или препознае – се наведува, меѓу другото, во образложението на членовите на жирито.

Тие го избраа романот на Пармаковска меѓу 27 пристигнати романи, а финалисти на наградата беа и романите „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, издание на „Антолог“.

„Одбројување“ е трет роман на Пармаковска, која дипломирала на  катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература. Таа е авторка и на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.

Наградата „Роман на годината“ од 1999 до минатата година ја доделуваше згаснатиот „Утрински весник“.

Превземено од: https://goo.gl/kK5xFC

Информации

Објавено на

31/01/2022