Маргарет Aтвуд(1939), по втор пат е добитничка на Букерова награда за литература за 2019 година за романот „Тестаменти“. Престижната награда за прв пат во историјата, невообичаено, ја добиваат рамноправно два автори(заедно со британката Бернардине Еваристо, автор на романот-калеидоскоп на приказни на црномурести жени „Девојка, жена, други“).
Канадската романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка за заштита на животната средина добитничка е на повеќе од 40 светски признанија. За нејзината вредност говори и фактот што и во 2000 година ја доби Букеровата награда за романот „Слеп убиец“ (The Blind Assassin). Таа е една од најпреведуваните светски автори и почесен професор на 30-ина универзитети како Оксфорд, Кембриџ, Харвард, Сорбона, Единбург и други.
Нејзини најпознати романи се „Приказната на робинката“(според која е снимена хит тв серијата The Handmaid’s Tale во режија на Брус Милер, наградена со пет Еми награди) „Невестата крадливка“ , „Алиас Грејс“ и други.
Маргарет Атвуд како поетеса во 2016 година е добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата придружувајќи се во друштвото на великаните како Неруда, Гинсберг, Лундквист, Станеску и др.