Безвременски љубовни романи кои вреди да ги прочитате барем еднаш во животот

На сите нам ни е добро познато чувството што ни го пружат класичните љубовни приказни, кои се проткаени со доза на мистичност и романтика. Не само што ни даваат можност за миг да „ѕирнеме“ во некои минати времиња, туку можат и да нè поучат на важни работи за животот. Во продолжение прочитајте ја нашата листа на безвременски љубовни романи, а доколку ви се допадне некој од нив дојдете во нашата Библиотека и ние ќе ви го изнајмиме да уживате во приказната проткаена со љубов.

„Гордост и предрасуда“ од Џејн Остин – (сигнатура M II 36422)

Еден од најпознатите романи на Остин, „Гордост и предрасуда“ го следи животот на главната хероина Елизабет Бенет. Г. и г-ѓа Бенет се родители на пет немажени ќерки: Џејн, Елизабет, Мери, Кити и Лидија. Г-ѓа Бенет е опседната со тоа да ги омажи ќерките за богат човек, зашто по смртта на г. Бенет нивната куќа ќе му припадне на г. Колинс, нивен далечен роднина. Таа се соочува со прашањето на манирите, воспитанието, моралот, етиката, образованието и бракот во англиското општество на крајот на 19 век.

„Сонот на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир – (сигнатура M II 36239)

„Сонот на летната ноќ“ е една од најпознатите романтични комедии на Шекспир, изведувана ширум светот. Во комедијата се прикажани авантурите на четири млади атински љубовници и група глумци, нивниот однос со кралот на Атина, Тезеј, Хиполита како и група самовили кои населуваат една шума. Целата приказна е проткаена со некаква магија која нема да ве остави рамнодушни сè до последната страница.

„Оркански височини“ од Емили Бронте – (сигнатура M II 35816 , M II 41322, М II 29599)

Во романот се раскажува страсната, но попречена љубовна приказна помеѓу Хитлиф и Кетрин Ерншо, којашто евентуално ќе ги уништи и нив и нивните блиски. Иако романот „Оркански височини“ денес се смета за еден од највеличествените романи во англиската литература, во тоа време бил мета на доста критики поради суровите описи на психичко и физичко измачување. Иако на почетокот „Џејн Ер“ од Шарлота Бронте се сметал за најдобриот роман од сестрите Бронте, повеќето подоцнежни критичари коментираат дека оригиналноста на „Оркански височини“ го прави романот супериорен.

„Бронзениот коњаник“ од Паулина Сајмонс – (сигнатура M II 42490/1 и M II 42481/2)

Приказната за двете сестри Татјана и Даша, кои делат соба во преполн стан со нивниот брат и нивните родители, во рускиот град Ленинград. Нивниот свет се превртува наопаку кога Хитлер ја напаѓа Русија. Но има и светлина среде целата темнина. Татјана го запознава Александар, храбар млад офицер во Црвената Армија. Но таа не знае дека токму тој е избраникот на нејзината сестра Даша, па Татјана се заљубува во него. Пламенот на забранетата љубов бликнува со незадржлива сила, непоколебливо спротивставувајќи се на сестринската верност и лојалност.

„Страници за нашата љубов“ од Николас Спаркс – (сигнатура M II 38427)

Доколку сакате да ја почувствувате магијата на вистинската љубов, тогаш овој роман е вистинскиот избор за вас. Тој нуди чудесен портрет на љубовта која се случува само еднаш во животот на секој од нас. Ви ветуваме дека ќе уживате во приказната на двајцата главни ликови, Ноах и Али, која ќе ве остави без зборови.

Преземено и адаптирано од:

Kafepauza.mk

Srekja.mk

Информации

Објавено на

04/04/2022