Зошто треба да ги читаме класиците?

Како што е обичај по крајот на секоја календарска година насекаде во светот се објавуваат различни листи на најпопуларни личности, филмови, настани и слично, кои го задржуваат вниманието и на најобичниот читател. Кога сме веќе кај читателите, она што можеме да го забележиме на листата за најпродавани книги во 2017 година (во Македонија) – подготвена од он-лајн книжарницата www.kupikniga.mk, имаме присуство на неколку класици, што јасно покажува само по себе дека овој вид на литература сè уште претставува предизвик и го има поминато тестот на времето.
Меѓу нив беа вброени следните класици: „1984“ на Џорџ Орвел, „Гордост и предрасуда“ на Џејн Остин, „Станарката на замокот Вајлдфел“ на Ен Бронте, „Ноќ и ден“ на Вирџинија Вулф, „Менсфилд парк“ на Џејн Остин, „Бегалка: Исчезнатата Албертина“ на Марсел Пруст…
Во однос на самите писатели и нивниот избор за најдобра светска белетристика, на листата на нивните омилени книги се најдоа наслови во севкупен збир од 544 книги, меѓу кои во врвот на десетте најдобри за XIX и XX век ги споменуваат: „Лолита“ од Владимир Набоков, кој раскажува за нездравата сексуална врска помеѓу триесет и осумгодишен професор и дванаесетгодишно девојче. Ова е роман што на писателот му донел голем скандал и забрана за објавување.
На второ место се нашол американскиот класик „Големиот Гетсби“ од писателот Скот Фицџералд. Ова е неверојатна приказна за тоа каков пресврт може да се случи во животот, под одреден сплет на околности.
Третата позиција ѝ припаднала на книгата „Во потрага по изгубеното време“ на францускиот писател Марсел Пруст, која била една од најпродаваните книги во тоа време. На четвртото место се нашол најчитаниот, но не и најдобар роман за 20 век „Вкус“ на Џејмс Џојс. На петтото место е уште една книга од ирскиот великан, збирката „Даблинци“. По двете книги на Џојс, на шестото место е класикот од латиноамериканската книжевност и едно од најпознатите дела од Јужна Америка, книгата што на својот автор му обезбедила Нобелова награда за книжевност, со наслов „Сто години самотија“ од колумбискиот великан Габриел Гарсија Маркез. На седмата позиција од листата на омилените е уште еден роман на познат нобеловец. Се работи за „Бука и бес“ од Вилијам Фокнер, а пак осмото место го зазел „Светилник“ од контроверзната Вирџинија Вулф.
Деветтото место го зазела една од најплодните авторки на кратки раскази во историјата на литературата, американската писателка Фланери О’Конор.
На самиот крај е повторно Набоков, кој всушност ја зазема и првата позиција на оваа листа. Десеттата позиција Набоков ја зазема со романот „Блед оган“.
Истражувањата покажуваат дека читањето класици го збогатува фондот на зборови – тие изобилуваат со зборови што повеќе не се во секојдневна употреба, ја подобрува способноста за пишување, несвесно се апсорбираат граматиката и стилот на авторот, се подобруваат вербалните способности, извор се на нови идеи затоа што лекциите од класичната литература имаат голема тежина. Според друго американско истражување дојдено е до резултати дека луѓето што читаат класични дела се подобри во препознавањето на туѓите емоции од оние што уживаат во „лесната“ книжевност. Причината, како што велат научниците, е дека комплексните ликови во овие дела се поголем предизвик за нашиот ум.
 
Класици кои треба да се прочитаат барем еднаш во животот:
1. Гордост и предрасуди – Џејн Остин
2. Џејн Ер – Шарлот Бронте
3. Врева и бес – Вилијам Фокнер
4. Доктор Живаго – Борис Пастернак
5. Големиот Гетсби – Ф. Скот Фицџералд
6. 1984 – Џорџ Орвел
7. Лолита – Владимир Набоков
8. Прекрасен нов свет – Алдус Хаксли
9. Малтешкиот сокол – Даниел Хамет
10. Злосторство и казна – Фјодор Достоевски
11. Сликата на Доријан Греј – Оскар Вајлд
12. Лет над кукавичкото гнездо – Кен Кеси
13. Ловец во ‘ржта – Џ.Д. Селинџер
14. Сто години самотија – Габриел Гарсија Маркез
15. Знам зошто пее птицата затворена во кафез – Маја Ангелу
Информации

Објавено на

31/01/2022