Директорката на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова, заедно со колегите од Македонија, присуствуваше на меѓународната конференција COBISS 2026, која се одржа во Марибор, Р. Словенија, во организација на Институтот за информациски науки – ИЗУМ (IZUM).

Конференцијата, како централен меѓународен настан наменет за корисниците на услугите на COBISS, беше посветена на електронските материјали, современите достигнувања во библиотечно-информациската дејност и новите можности за развој и модернизација на библиотечните услуги.

Особено внимание беше посветено на примената на вештачката интелигенција во библиотекарството, новитетите и унапредувањето на системот COBISS, како и на развојот на напредни информациски услуги за поддршка на научноистражувачката дејност.

Беше презентирана новата алатка COBISS Ela за Android и IOS уреди, како и VEGA-првиот оперативен суперкомпјутер финансиран во рамките на европската иницијатива EuroHPC.

Директорката му подари и дел од нашите изданија на д-р Алеш Бошњак, директор на Институтот за информациски науки – ИЗУМ (IZUM) во Марибор-Словенија.

Учеството на оваа меѓународна конференција беше значајно за зајакнување на професионалната соработка со библиотечните и информациските институции од Словенија и од другите земји учеснички, а стекнатите знаења и искуства ќе бидат имплементирани како нови иновативни решенија во работењето на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook