Адам Загајевски, добитник на Наградата Златен венец на СВП

Адам Загајевски од Полска е овогодинашен добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Високото признание на 73-годишниот поет ќе му биде врачено на 57-то издание на поетскиот фестивал, кој се одржува во август.
Загајевски е еден од најзначајните современи полски и светски поети е годинашен добитник на Златен венец на 57. Струшки вечери на поезијата (СВП).
Тој е автор на тринаесет поетски книги, неколку романи и книги есеи, преведуван е на многу јазици и добитник е на некои од национални и интернационални награди.
Претседателката на Управниот одбор на СВП, професорката Елизабета Шелева меѓудругото истакна дека во поезијата на Загајевски, историјата и политиката играат значајна улога, при што историскиот контекст е неодвоив од неговите песни.
„Загајевски пишува за Лвов, Краков и Париз, за градовите од детството, за митските места од неговиот живот како и за заканите на нашата цивилизација врз духовниот живот. Неговите песни не се декларативни, како тие на неговите современици, туку речиси тајни, полни со болката и привилегијата на тајноста. Неговата поезија е потрага по неповратно изгубеното, изминатото, обид тоа да се повторно да вообличи низ сеќавањето. Песните понекогаш се полни со изострен хумор, со неговите ставови и дијагнози со суптилна иронија и горчлив цинизам“, рече меѓудругото Шелева.
Во писмото испратено до СВП, лауретатот се заблагодарува на поетите од Македонија и се радува оти и тој ќе фигурура помеѓу поетите на кои им се воодушевува, на кои поетите , како што вели тој, не им е достоен.
„За среќа никој сам не си доделува награди и мораме да им веруваме на тие кои пишуваат до нас добри зборови.
Никогаш досега не сум бил во Струга – но не треба да се биде таму физички, за да се знае легендата за тој фестивал и таа награда, за да се знае колку посебна е листата на одликувани поети. Исто така, очигледно е дека тука нема место за политички критериуми, се смета само убавата поетска уметност.
Поетите се комплицирани луѓе, но не е точно дека исто така немаат сосема обични, човечки емоции. Затоа нема да кријам: оваа награда претставува огромна чест за мене“, додава Загајевски.
Наградата „Златен венец“ е една од најзначајните интернационални награди за поезија во светот. Наградата е востановена во 1966 година. Oд таа година до 1971 година се доделува за најдобра необјавена песна прочитана на фестивалот. Од 1971 година „Златен венец“ се доделува за целокупен поетски опус.
Златниот венец претставува уникатна рачна изработка. Нацртот на Златниот венец го изработил македонскиот сликар и графичар Димче Протуѓер кој тогаш бил член на советот на фестивалот.
 
Меѓународното признание, наградата „Златен венец“ се доделува на меѓународниот поетски митинг Мостови на истекот на реката Црн Дрим пред повеќеилјадна публика. „Струшките вечери на поезијата“ секоја година издаваат репрезентативнa книгa поезија од добитникот на наградата „Златен венец“ во оригинал и во препев на македонски јазик.
 
Превземено од: https://goo.gl/3SzQ1j

Информации

Објавено на

31/01/2022