На 18 ноември 2026 година, во Europe House Битола се одржа интерактивната панел-дискусија „Гласот на детето – одговорност на сите нас“, во соработка со ООУ „Елпида Караманди“ – Битола. На панелот, нашата библиотека ја претставуваше м-р Фатма Бајрам Аземовска, библиотекар советник и раководител од областа на развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста.

Потпирајќи се на своето долгогодишно искуство во работата со деца, млади и семејства, таа зборуваше за пречките со кои се соочуваат децата кога сакаат да споделат што ги загрижува и каква поддршка им е потребна. Посебно внимание посвети на улогата на возрасните во градењето доверба, за секое дете да може слободно да зборува и да се чувствува безбедно, прифатено и слушнато.

И во библиотеката имаме можност да ја градиме таа доверба секој ден. Почнуваме со тоа што им даваме време на децата да го постават своето прашање, да го кажат своето мислење и да почувствуваат дека го земаме сериозно.

Им благодариме на Europe House Битола и на ООУ „Елпида Караманди“ – Битола, за поканата и за можноста да придонесеме во разговорот. Благодарност и до сите панелисти, а особено до учениците што ги споделија своите размислувања со нас.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook