Претставниците на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Фатма Бајрам Аземовска и м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, учествуваа на интерактивната работилница на тема „Од страницата до алгоритмот – Каде се создава знаењето?“, која се одржа во просториите на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Работилницата беше организирана во соработка помеѓу ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци и Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а на неа учествуваа библиотекари од библиотеки од целата држава, универзитетски професори, студенти и наставници по македонски јазик од Штип.

Во фокусот на работилницата беше едно особено актуелно прашање: Кој извор на информации е најсоодветен, кога и во кои ситуации треба да го користиме и кога е потребно да комбинираме различни извори?

Преку интерактивни активности, групна работа и аргументирана дискусија, учесниците ги истражуваа можностите, предностите и ограничувањата на печатената книга, електронските информациски извори и алатките на вештачката интелигенција. Посебен акцент беше ставен на развивањето критички пристап кон информациите, правилниот избор на извори и нивното комбинирање во зависност од потребите, контекстот и целта на нивното користење.

Размената на искуства и различните перспективи уште еднаш потврдија дека ниту еден извор не претставува универзално решение за секоја информациска потреба. Вистинскиот предизвик е да знаеме како да ги препознаеме нивните можности и ограничувања, кога да им веруваме, како критички да ја процениме добиената информација и како одговорно и правилно да ги комбинираме различните извори на знаење.

Во време кога информациите се достапни на еден клик, способноста критички да размислуваме, да препознаваме веродостојни извори и да создаваме знаење останува една од најважните вештини на современиот човек.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook