Во библиотеката се одржа едно поинакво, инспиративно и едукативно дружење со учениците од централното и подрачното училиште при ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, под менторство на наставникот Влатко Стојановски.

Преку промоција на книгите на писателот од Србија, Власта Чекиќ, учениците имаа можност поблиску да се запознаат со неговото книжевно творештво и светот на литературата.

Наставникот Влатко Стојановски ги запозна учениците со авторот и неговото творештво, а низ игра, забава, рецитирање песни и креативни активности, децата ги откриваа и учеа стилските фигури. На овој начин, учењето се претвори во вистинска книжевна авантура, во која зборовите добија боја, звук и ново значење.

На присутните им се обрати и директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, која ја истакна важноста на ваквите средби за поттикнување на љубовта кон книгата, читањето и творештвото уште од најрана возраст.

Дружењето со писателот и светот на неговите книги се моменти што оставаат трајни траги и засекогаш ќе останат врежани во детските сеќавања.

Библиотеката е токму тоа, место каде што децата учат, се забавуваат, откриваат нови светови, поставуваат прашања, ја развиваат својата љубопитност и ја поттикнуваат фантазијата. Затоа што секое прашање е почеток на ново откритие, а секоја прочитана книга е врата кон едно ново знаење!

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook