По повод месецот на книгата денес во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола со учениците од второ одделение одржавме работилница на која читавме бајки и разговаравме за значењето на читањето, зошто дигиталниот свет во кој живееме нè поттикнува да го избереме филмот пред книгата според која е направен, а вртоглавото и динамично секојдневие ни го скратува слободното време за континуирани средби со книгите. Сепак, ниту еден изговор не е доволно силен за да го оправда дистанцирањето од книжните извори на знаење и инспирација. Читањето книги без сомнеж го подобрува животот.

Со секое превртување на нова страница, ние навлегуваме во нови и нови светови кои ги рушат границите што си ги поставува човековиот ум. Анализирањето на размислувања и ставови кои не се поклопуваат со нашите, ни ја распламтува фантазијата и ни ја зголемува креативноста. Книгите се и „порок“ кој создава добра зависност. Колку повеќе читате, толку пољубопитни станувате.

Потоа вештите рачиња на нашите второодделенци во една весела и инспиративна атмосфера изработија книга во која успеавме да ги споиме љубовта кон читањето и уметноста, а истовремено до израз дојде нивната креативност и уникатност за практична работа.

Горди сме на нивниот придонес и желба да бидат дел од нешто убаво и корисно.

Голема благодарност до наставничката Виолета Момчиловска и директорката Биљана Темелкова.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook