Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа промоција на две значајни изданија „Илинден – Крушево (1903–1928): реиздаден албум“ и „Книжевен манифест“ во организација на Здружението „Културен манифест“ и Книжевниот кружок „Васил Иљоски“.

Едното издание го зачувува историското паметење преку фотографијата и документот и други сведоштва, изданието го доближува Крушево и времето на почетокот на XX век, зачувувајќи ги спомените за настаните и луѓето кои оставиле траен белег во македонското историско паметење, за што првично пишувал Наум Томалевски, во чијашто куќа било прогласено востанието. Бесценет историски мозаик и визуелно патување низ епохата на незаборавната македонска борба.

Другото дело го претставува современиот книжевен збор и творечкиот дух на старо-новото време со чиста емоција од групата на автори кои се членови на Книжевниот кружок „Васил Иљоски“.

Особено значаен момент беше доделувањето плакета од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола на Книжевниот кружок „Васил Иљоски“, како признание за нивната плодна работа, посветеност и придонес кон книжевноста и културата, но и како поттик за продолжување на нивната мисија и создавање нови културни вредности.

Директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова, истакна дека како директорка на оваа истакната установа од областа на културата, од свое лично име и од името на установата, се радува што од минатата година е воспоставена искрена, плодна и одлична соработка со писателите од Книжевниот кружок „Васил Иљоски“.Таа упати благодарност за досегашната посветеност и истакна дека токму ваквите примери треба да бидат понатамошна мотивација и инспирација за многу други писатели и творци, тие да истражуваат, да анализираат, да пишуваат и да создаваат дела преку кои ќе ги афирмираат познатите македонски писатели, но и значајните личности и настани за македонското културно и историско наследство. Таа рече: „Нашата должност е да го чуваме она што го создале генерациите пред нас, но и преку истражувањето, пишаниот збор и книгата да му дадеме нов живот и значење. Ваквите автори се пример дека посветената работа, љубовта кон книгата и истражувањето можат да остават трага и да бидат инспирација за идните генерации.“

НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола останува отворен простор за книгата, културата, истражувањето, соработката и новите идеи, со уверување дека токму преку заедничката работа се создаваат трајни културни вредности.

Книгата е чувар на минатото, го осмислува сегашното и ја инспирира иднината.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook