Остваривме прекрасна средба со првачињата од ООУ „Гоце Делчев“ – Битола, исполнета со детска љубопитност, искрени насмевки и разговор за магичниот свет на книгите.

Со учениците разговаравме за бесплатните ваучери за зачленување што им беа доделени во рамките на настанот „Училишна приказна“, за членувањето во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и за условите за позајмување и правилно чување на книгите.

Првачињата се уште не ги научиле сите букви, но тоа не значи дека е рано за библиотека. Децата треба да се дружат со сликовниците и да им се чита уште пред самостојно да се описменат. Преку приказните тие го збогатуваат речникот, ја развиваат фантазијата, учат внимателно да слушаат и создаваат љубов кон читањето.

Ги повикуваме родителите во најскоро време да го искористат ваучерот и заедно со своето дете да ја посетат библиотеката.

Нека детето ја избере својата прва книга и нека започне едно прекрасно читателско патување. Понекогаш токму една сликовница, прочитана во вистинскиот момент, може да ја разбуди љубовта кон книгите за цел живот.

Упатуваме искрена благодарност до одделенските наставници Снежана Петковска, Светлана Кочовска и Нирџан Тефику, како и до директорката Наташа Ставревска за срдечниот прием, поддршката и посветеноста во создавањето читателски навики кај најмладите.

Не чекајте детето да научи да чита за да го донесете во библиотеката – донесете го во библиотеката за да го засака читањето!

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook