Животот не е само стремеж кон остварување на посакуваната цел, животот е предизвик со сите негови составни делови. Можностите да постигнеме нешто не доаѓаат сами по себе, за нив е потребно да се избориме и да ги создадеме.

Проектот „Работилници за деца со попреченост” продолжува со реализација, со цел учениците да стекнат различни знаења и вештини кои ќе им користат сигурно да чекорат по патеката на животот.

Со цел развивање на моториката, логичкото мислење реализиравме работилница со првачињата од ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола, на еден поинаков и несекојдневен ден за учење, откривање и уживање во пријатната атмосфера.

Под мотото „Читај, касни, расни и порасни!” книгата, поезијата, вкусовите, играта и креативноста се споија во едно весело и инклузивно дружење исполнето со многу насмевки, нови искуства и радосни мигови.

Во фокусот на денешните ученички активности беше безвременската литература за деца „Касни, порасни“, исполнета со кратки, разиграни и весели песнички посветени на различни видови овошки. Преку стиховите и интеракцијата, децата се запознаа со овошјето на еден поинаков, разигран и забавен начин.

А, потоа следуваше вистинско овошно уживање!

Пред нашите ученици имаше најразлични овошки со различни бои, мириси, вкусови и текстури. Заедно подготвивме шарена овошна салата, а децата имаа можност да истражуваат и дегустираат – што е благо, што е кисело, што е меко, што е сочно, а што крцкаво.

На овој начин овошјето не беше само храна, туку сетилно искуство и можност за учење преку допир, мирис, вкус, гледање и активно учество.

Креативноста продолжи со моделирање со малите рачиња на слатките првачиња!

Со помош на забавните сетови за изработка на вафли, сладолед, мафини и други слатки задоволства, нашите ученици создаваа свои мали слатки волшепства. Ги украсуваа своите креации со шарени овошки и со многу фантазија создаваа вистински слатки уметнички дела.

Преку играта и креативното изразување развивавме фина моторика, внимание, комуникација, избор, препознавање, сензорна перцепција и социјална интеракција, но најважно од сè уживавме заедно.

А денот го завршивме со вредните подароци кои им ги доделивме на учениците, а воедно и НУУБ „Св „Климент Охридски“ – Битола, на чело со директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова им подарија бесплатни членски картички.

Со тоа, на нашите првачиња им се отвора врата кон еден поинаков свет – светот на бајките, басните, сказните и детската имагинација.

Денес не читавме само книга…

Денес читавме, каснавме, допревме, создававме, игравме, се дружевме и растевме заедно.

Благодарност до Ивана Карајанова и директорката Драгана Кирковска.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook