Оваа година одбележуваме уште еден значаен јубилеј, 35 години државност, слобода и паметење. Одбележуваме 35 година самостојна, независна Македонија.

Три и пол децении се период во кој нашата држава се гради, се создава и го испишува својот пат. 8 септември останува запишан како еден од најзначајните датуми во современата историја на Македонија – симбол на слободата, државноста и правото на сопствен пат. Тоа е историски чин со кој започна ново поглавје во современата македонска државност.

Оваа изложба претставува своевидно патување низ времето, време запишано низ книгите, весниците.Сведоштва кои го отсликуваат периодот на создавањето и развојот на независната македонска држава. Од историските настани и политичките процеси, преку културниот и општествениот живот, до значајните личности и моменти кои го одбележаа изминатиот период, изложбата ја раскажува приказната за една држава која веќе 35 години го гради својот современ идентитет. Затоа, оваа изложба не е само потсетување на минатото, туку и можност за негово повторно читање од перспектива на сегашноста. Триесет и пет години независност се 35 години историја, предизвици, достигнувања, култура, јазик, традиција и траење.

Нека оваа изложба биде потсетник дека државата не ја сочинуваат само нејзините граници и институции. Ја сочинуваат луѓето, нивната меморија, нивната култура, јазикот, книгата и наследството што го оставаат на идните генерации.

35 години независна Македонија.

35 години сопствен пат.

35 години приказна што продолжува да се пишува.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook