„СВЕТОТ ВО СТРАНИЦИ“ – БИТОЛА ГРАД НА КНИГАТА
Со големо задоволство го отворивме второто издание на Саемот на книгата „Светот во страници“, кој се одржува во рамките на БИТ ФЕСТ 2026, кој траеше од 14 до 17 август.
Настанот го модерираше Биљана Стефановска, а свои обраќања имаа претставникот на Министерството за култура и туризам и Кабинетот на министерот г-дин Афет Јашари, директорката на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова и заменик-градоначалничката на Општина Битола, м-р Марина Крстиќ.
Битола повторно стана град на книгата, на пишаниот збор, на авторите, издавачите и читателите, град каде што на едно место се среќаваат знаењето, творештвото, културата и љубовта кон читањето.
Особено сме горди што оваа година „Светот во страници“ добива поголем и национален опфат, со учество на бројни издавачки куќи и индивидуални автори од цела Македонија. Илјадници наслови, различни жанрови, книжевни класици, современа литература, научни и стручни изданија, поезија, романи и литература за најмладите. Сè на едно место, за сите генерации!
Но, нашата мисија е многу поголема од организацијата на еден саем, рече директорката на Библиотеката, која појасни дека, ние како културна и образовна институција, имаме одговорност да ја шириме читачката култура и да ја доближиме книгата до секое семејство, особено до најмладите. Таа рече дека не е доволно само да им кажуваме на децата дека треба да читаат, туку ние треба преку личен пример да им покажеме како се сака книгата.
Најсилната порака не се зборовите, туку делата и однесувањето.

  • Ако сакаме нашите деца да читаат – треба да нè гледаат со книга во рацете.
  • Ако сакаме да ја сакаат библиотеката – треба да ги донесеме во библиотека.
  • Ако сакаме да размислуваат, да истражуваат и да го збогатуваат својот речник – треба да читаме со нив и да разговараме за прочитаното.

Не можеме од нашите деца да бараме навики што самите не им ги покажуваме. Затоа, со Саемот „Светот во страници“ сакаме книгата да стане достапна, блиска и присутна во секој дом.
Затоа што детето кое чита денес, утре станува човек кој размислува, знае да го изрази својот став, да ги препознава вистинските вредности и да има поширок поглед кон светот.
Инвестицијата во книгата е инвестиција во знаењето. Инвестицијата во знаењето е инвестиција во образованието. А, инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината на нашата држава!
Искрена благодарност до сите издавачи, автори, институции, соработници и посетители кои се дел од оваа наша заедничка приказна.
Да читаме. Да создаваме. Да го чуваме пишаниот збор. Да го градиме светот, страница по страница.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook