Вчера (10.8.2026 година) успешно го реализиравме интерактивното предавање и работилница со средношколци, посветени на емоционалната интелигенција и менталното здравје, во рамките на програмата „Курсеви за личен и професионален развој – Инвестирај во себе“, поддржана од Министерството за култура и туризам.
На почетокот на средбата, директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, ги поздрави учесниците и ја истакна важноста библиотеката да биде отворен простор во кој младите, покрај знаењето, ќе добиваат можности за личен развој, разговор и стекнување вештини важни за нивната иднина.
Координаторката на програмата, м-р Фатма Бајрам Аземовска, нагласи дека инвестирањето во себе не значи само стекнување нови знаења и професионални вештини, туку и учење како подобро да се разбереме себеси, да ги препознаеме сопствените емоции и да се грижиме за својата благосостојба.
Предавач на работилницата беше д-р Марина Кузмановска, лиценциран психолог и психотерапевт. Преку интерактивно предавање, вежби и споделување искуства, заедно истражувавме како да ги препознаеме и разбереме сопствените емоции, како да се справуваме со стресот и како да градиме поздрави односи и поголема самодоверба. Разговаравме, поставувавме прашања, споделувавме искуства и учевме едни од други. Токму ваквата интеракција покажа колку е важно на младите да им обезбедиме безбеден простор во кој отворено ќе можат да зборуваат за темите што ги засегаат.
Посебно не радува што токму од интересот и прашањата на денешните учесници произлезе темата за нашата следна средба: „Стравот и подигнувањето на самодовербата“ Тоа е можеби и најубавата потврда за вредноста на ваквите средби – кога една работилница не завршува со последното прашање, туку отвора нова тема, нов разговор и нова можност за учење.
Се гледаме повторно следната недела! Ве охрабруваме да бидете дел од нашата следна средба, затоа што инвестицијата во себе е една од најважните инвестиции што можеме да ја направиме.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook