На 26 јули 2026 година се навршуваат 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков, еден од најзначајните македонски интелектуалци, филолози, публицисти и просветители, чие дело претставува темел на современата македонска јазична, културна и национална мисла.

По повод овој значаен јубилеј, Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола организира изложба на книги и периодични публикации под наслов „Крсте Петков Мисирков – 100 години бесмртно дело“. Изложбата претставува избор од богатите библиотечни фондови, преку кој се осветлува животниот пат, научното и публицистичкото творештво и историското значење на Мисирков.

Пред посетителите се претставени изданија на неговите дела, монографии, научни студии, зборници од научни собири, како и статии објавени во списанија и весници. Публикациите сведочат за континуираниот научен интерес за неговата личност и за трајната актуелност на неговите идеи, кои и денес претставуваат предмет на истражување и научна расправа.

Особено место во изложбата има неговото капитално дело „За македонцките работи“, во кое Мисирков ја образложува потребата од кодификација на македонскиот литературен јазик, развој на националната просвета и зачувување на културниот идентитет на македонскиот народ. Неговата визија, иако создадена во сложени историски околности, останува препознатлива како едно од најзначајните интелектуални сведоштва во македонската историја.

Сто години по неговата смрт, делото на Крсте Петков Мисирков продолжува да живее преку книгите, архивските документи и научните истражувања.

Со оваа изложба, Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола му оддава заслужена почит на големиот македонски мислител, нека оваа изложба биде потсетник дека делото на Крсте Петков Мисирков не припаѓа само на минатото, туку претставува жива духовна и научна вредност што продолжува да ги инспирира сегашните и идните генерации.

Повеќе фотографии од изложбата на следниот линк: NUUB Facebook