За патувањата низ животот, љубовта кон татковината, семејството, природата и доживувањето на нови искуства денес во нашата библиотека имавме можност да поразговараме со познатата битолска поетеса и писателка Виолета Ристевска прекрасна жена која што е пример дека никогаш не е доцна да се преточат мислите во пишани зборови и која ни подари незаменливи моменти читајќи извадоци од нејзината љубовна и родољубива поезија која понира во секој дамар на душата на читателите.
Кон нејзиниот книжевен опус критички се осврна почитуваната поетеса, авторка на 150 книжевни дела и многубројни збирки од повеќе автори, помагателка, а пред се голема хуманитарка почитуваната Вера М. Самарјанин која за писателката Виолета ќе рече: „Во поезијата на поетесата Виолета Ристевска, во нејзините авторски дела, како и во поезијата во Антологиите, во кои таа учествува, читателот ќе открие дека мајчинството, љубовта, зборот и чувствата се највозвишените вредности што не познаваат мерка ниту граници. Тие се неисцрпен извор на духовна сила, неопходна за опстојувањето на човекот, за семејната среќа и за благосостојбата на општеството. Низ нејзините стихови оживува внатрешниот свет на човекот и неговата длабока поврзаност со светот што го опкружува, темелите врз кои се гради човечноста.
Луѓето и нивните карактери во нејзината поезија наликуваат на природните феномени, понекогаш пленат со својата убавина, топлина и светлина, а понекогаш носат искушенија. Но, токму над таа реалност поетесата умешно се издигнува, создавајќи богат поетски мозаик во кој контрастите се претопуваат во хармонична целина.
Во нејзината поезија подеднакво силно одекнуваат и гласот и тишината, и болката и надежта. Таа мудро ги собира поуките од минатото, ги преточува во стихови и им ги остава како духовно богатство на идните поколенија.
Особено, со искрено восхитување и длабока почит ги читам нејзините детски песни, во кои децата, заедно со авторката, мечтаат, учат, откриваат и растат. Во нив тие ја пронаоѓаат мудроста, искреноста, човечноста и надежта, а секој стих станува светлина што го збогатува нивниот духовен свет. Убедена сум дека овие страници допираат до детските срца, ја будат нивната љубопитност, ги поттикнуваат на размислување и им остават трајни животни вредности што ќе ги носат со себе и во зрелоста.“
Нема ништо поубаво кога летните горештини ги поминуваме под сенка, дружејќи се со автори кои од прва рака разговараат за својот обемен книжевен фонд, во кој со нетрпение чекаме да се нурнеме со читање.
За крај сите присутни авторки прочитаа делови од нивниот богат книжевен, а писателката Виолета испрати порака до сите читатели: „Се надевам дека моите книги ќе Ви бидат прегратка кога Ви е најтешко, или барем пријател кој секогаш е тука за Вас, ќе дозревате и ќе станувате подобри луѓе читајќи ги.“
Благодарност до писателката Виолета Ристевска и до сите што одвоивте време да присуствувате на овој незаборавен настан.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook