Денес нашата библиотека беше исполнета со детска смеа, љубопитни погледи и многу креативност. На гости ни дојдоа идните првачиња од приватната градинка „Мали Чекори“, заедно со своите воспитувачки.

Најпрво заедно ѕирнавме зад секоја врата и го откривме волшебниот свет на библиотеката. Видовме дека таа е местото каде што книгите раскажуваат приказни, а фантазијата нема граници.

Потоа ја прочитавме прекрасната сликовница „Куќичката на дрво“, која нѐ потсети колку е важно да бидеме добри другари, да споделуваме, да си помагаме и да ги решаваме несогласувањата со разговор и разбирање.

Инспирирани од приказната, децата со многу фантазија и креативност ја создадоа својата замислена куќичка на дрво. Секој цртеж беше единствен, исполнет со боја, радост и детска мечта.

Овој топол летен ден ни донесе многу насмевки, прекрасни разговори и уште една потврда дека љубовта кон книгата се негува од најрана возраст.

Ви благодариме драги идни првачиња и на тимот на приватната градинка „Мали Чекори“ за прекрасната посета. Ве очекуваме повторно во нашата библиотека!

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook