Библиотерапија – кога книгите лекуваат, а читањето станува пат кон внатрешниот мир, миг кога човекот доаѓа во допир со тишината на сопствената душа. Тогаш, меѓу страниците на една книга, започнува најнежниот разговор, разговорот со себеси. Во тој миг, книгата престанува да биде само збир од зборови. Таа станува прибежиште, светилник, тивок соговорник што не осудува, не советува наметливо, туку стрпливо нè води кон сопствените вистини. Токму во тоа се крие суштината на библиотерапијата односно лековитата моќ на читањето. Не затоа што книгите ги отстрануваат животните тешкотии, туку затоа што му помагаат на човекот да ги носи со поголема мудрост, сила и надеж. Тие не ги менуваат околностите, но го менуваат погледот кон нив. А понекогаш, токму промената на перспективата е првиот чекор кон исцелувањето.

Денес во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола имавме можност да споделиме прекрасни искуства, сознанија, емоции, на инспиративната работилница „Библиотерапија – кога книгите лекуваат“, која ја одржа психологот м-р Марија Младеновска Димитровска.

Разговаравме за тоа како литературата може да помогне во справувањето со емоциите во свет исполнет со стрес, осаменост, оттуѓеност, анксиозност, емоционален замор и животни предизвици, но и како книгите можат да бидат поддршка за личен раст, благосостојба и неповторлива средба со себе си и со сопствената душа. Книгата го смирува умот, ја развива емпатијата, ја поттикнува саморефлексијата.

Упатуваме голема благодарност до психологот Марија Младеновска-Димитровска за споделените искуства и емоции. Понекогаш најдобрата терапија започнува со отворање на една книга.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook