Летото е уште еден предизвик да другаруваме со книгите во библиотеката, неформално, но со многу љубов и идеи. На работилницата што се реализираше во нашата библиотека, учесниците имаа можност да се забавуваат, но и да се збогатат со интересни информации што им ги пренесоа предавачите преку две интересни теми.
Со професорката Магдалена Сајкова, преку креативни активности и вежби, разговаравме на тема „Зошто ни е потребно читањето и во дигиталното време?“. Преку овие активности накратко отпатувавме во иднината, каде што заедно ги согледавме предизвиците што ги носи модерната технологија, особено во однос на зачувувањето на нашиот јазик наспроти сленгот и кратенките што младите сè почесто ги користат во дигиталната ера.
За крај, со нашата временска машина се вративме во минатото за да ја разгледаме темата „Битола низ старите фотографии и разгледници“. Нашиот писател Зоран Ѓоргиев на младите им покажа како изгледала Битола низ децениите и како пишаниот збор и печатените медиуми засекогаш го зачувуваат културното наследство на градот.
Со разгледници посветени на нашата преубава Битола ги испраќаме овие млади љубители на книгата со нови знаења, инспирација и идеи.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook