Денес се одржа првата работилницата од проектот „Креативен начин на пристап до информации за студентите од битолскиот универзитет“ заедно со студентите од Педагошкиот факултет во Битола. Пред присутните се обрати деканката проф. д-р Данче Сивакова-Нешковски и проректорот проф. д-р Јове Талевски кои зборуваа за важноста од соработката на факултетите и универзитетот со НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола, симбиоза која има за цел да извади поуспешни академски граѓани, кои ќе го продолжат својот кариерен развој во понатамошните истражувачки студии.
Од неодамна Библиотеката преку своите АЛУМНИ, стана дел од алумни заедницата на овој факултет, а за оваа соработка зборуваше вонд. проф. д-р Весна Стојановска, која пред студентите ги престави натамошните планови за соработка помеѓу овие две институции.
Во практичниот дел, координаторите на проектот ги претставија условите што нашата библиотека им ги нуди на студентите – целосно опремени мултимедијални читални, сали за промоции и голем фонд на стручна литаратура. Во оваа прилика студентите имаа можност на практичен начин да се запознаат со базите за пребарување и пристапот до стручна литература.
Библиотеката НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е активен дел од регионалната библиотечно-информациска мрежа COBISS.NET. Во таа насока, студентите од Педагошкиот факултет во Битола имаа можност практично да се запознаат со веб-апликацијата COBISS+, која претставува современа алатка за пребарување и пристап до библиотечни ресурси. Преку оваа платформа се овозможува увид во онлајн каталозите на сите библиотеки што го имаат имплементирано COBISS системот во своето работење.
Целта на презентацијата беше студентите да стекнат основни знаења за функционирањето на COBISS+ и да ги согледаат неговите бројни можности. Апликацијата овозможува пребарување на публикации според различни критериуми, како што се автор, наслов, клучни зборови, ISBN и ISSN, предметни одредници и други параметри, што овозможува прецизно и ефикасно пронаоѓање на потребната литература.
Дополнително, беше истакнато дека COBISS+ е слободно достапен пребарувач, кој им овозможува на корисниците, особено на студентите, лесен и брз пристап до релевантни извори на информации. На овој начин, тие можат поефикасно да дојдат до стручна и научна литература, неопходна за нивните студиски и истражувачки активности, со што се поттикнува развојот на нивните академски и информациски вештини.
Голема благодарност до целиот тим на Педагошкиот факултет – Битола, како и на професорите и студентите кои зедоа активно учество во овој настан.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook