НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола со посебно задоволство и чест ја претставува исклучителната научна, образовна, правна, јазична и културна вредност на македонското издание на Обединетите нации:
ИНСТРУМЕНТИ НА МЕЃУНАРОДНОТО КОСМИЧКО ПРАВО.
Канцеларијата за космички работи на Организацијата на Обединетите нации (ООН) го подготви оригиналното дело на шесте официјални јазици на ООН: англиски, арапски, кинески, руски, француски и шпански. Во ова издание се систематизирани најзначајните документи на меѓународното космичко право во четири целини:
1) Договори на Обединетите нации;
2) Начела усвоени од Генералното собрание;
3) Релевантни резолуции усвоени од Генералното собрание;
4) Други документи.
Станува збор за збирка на клучните меѓународни документи со кои се регулираат истражувањето и употребата на космичкото пространство, издадени во 2017 година од Обединетите нации. Македонското издание е подготвено врз основа на англиската изворна верзија INTERNATIONAL SPACE LAW: UNITED NATIONS INSTRUMENTS (ISBN 9789211013849), и претставува прв превод на ова дело. Со тоа македонскиот јазик се вброи како седми јазик во светот на кој е достапна оваа стручна публикација.
Македонскиот превод на меѓународното космичко право го реализира тим предводен од македонскиот пионер, независен стручњак и меѓународен арбитер во областа на меѓународното космичко право, м-р Александар Ташковски, кој, покрај тоа што беше иницијатор и координатор на овој значаен проект, настапи и како преведувач, главен и одговорен уредник, застапник на издавачот, автор на насловот на македонското издание и коавтор на дизајнот на корицата. Во процесот на изработка учествуваа: проф. д-р Соња Китановска–Кимовска (ревизор на преводот); д-р Александар Шулевски и м-р Ѓеорги Ташковски (техничка редакција); м-р Емилија Величкова (лектор); проф. д-р Гордана Апостоловска (менаџер на преведувачкиот процес); академик Катица Ќулавкова (рецензент).
Делото претставува коавторство на преведувачкиот тим, додека носител на авторското право се Обединетите нации. Оттука, публикацијата претставува македонска едиција на Обединетите нации, издадена од здружението Македонски СТУДЕНТИ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ ОД КОСМОСОТ (МК-СИРК) под патронство на Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) – првата меѓународна невладина организација посветена на намалување на космичкиот јаз, со седиште во Битола.
Покрај англиската верзија како изворно дело, македонското издание ги користеше и шпанската и кинеската верзија за дополнителни јазични споредби, со помош на: д-р Игор Радев (соработник за кинеското издание) и проф. д-р Сања Михајловиќ–Костадиновска (соработник за шпанското издание).
Корицата на книгата е украсена со делото „Творецот“ од академик Васко Ташковски, додека графичкиот дизајн на изданието го потпишува Теано Кардула.
ИНСТРУМЕНТИ НА МЕЃУНАРОДНОТО КОСМИЧКО ПРАВО е некомерцијално и бесплатно издание кое, покрај печатениот формат, е достапно и во електронски и аудиоформат на веб-страницата на издавачот (https://seds.org.mk/).
Аудиоформатот е реализиран со гласот на Ангела Стојановска како наратор, додека Христијан Поп–Симонов се потпишува како аудио-продуцент.
Според јавно достапните податоци од УНЕСКО (базата Index Translationum), не постојат евидентирани преводи на оригиналното издание од неговите јазични верзии, поради што македонското издание на ООН претставува првиот превод што е воопшто направен – подвиг вреден за почит, со кој македонскиот јазик се приклучи кон малата група светски јазици на кои е достапна оваа публикација.
Првата промоција на македонското издание се одржа во Студентскиот културен центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (2024 година). Настанот го отвори Адела Асани, секретар на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, а го модерираше Мила Коруновска, претседател на Факултетското студентско собрание „Блаже Конески“. Како промотор настапи доц. д-р Јана Богданоска, претседател на Македонското астрономско друштво, при што беседа одржа и м-р Александар Ташковски.
Централниот промотивен настан, на кој истовремено беше промовирано и електронското издание, се одржа во Библиотеката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ (2025 година). Овој свечен настан го отвори деканот, проф. д-р Сашо Георгиевски, а почесно обраќање имаше и Претседателот на Македонија, Н.Е. проф. д-р Гордана Силјановска–Давкова. Како главен промотор настапи проф. д-р Каролина Ристова–Астеруд, придружена од промоторите: проф. д-р Христина Спасевска, проф. д-р Ивица Милевски и проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска. Пригодни обраќања имаа менаџерот на преведувачкиот процес проф. д-р Гордана Апостоловска и рецензентот академик Катица Ќулавкова, а свеченоста ја модерираше Савче Ѓошева, студентски правобранител на УКИМ.
Првата средношколска промоција на делото беше организирана во рамки на програмата за одбележување на 80-годишнината од основањето на првата скопска гимназија „Јосип Броз – Тито“. Потоа следеа повеќе промоции во библиотеките на средните училишта низ Македонија, кои продолжуваат со ненамалена љубопитност кај средношколците.
Според податоците објавени од издавачот, делото бележи значителен интерес: електронскиот формат досега е преземен повеќе од 2.800 пати, аудиоформатот има над 1.400 преслушувања, а читатели и слушатели има од повеќе од 20 земји во светот.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, како чувар на знаењето и длабоко свесна установа за вредноста и значењето на ова дело, организира негово јавно изложување и бесплатен пристап за пошироката јавност до декември 2026 година.
Јавната изложба ќе се реализира преку шалтерите за зајмување книги на првиот кат од библиотеката, каде што публикацијата ќе биде и изложена. Како што забележа проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска на централниот промотивен настан: „Конечно и ѕвездите зборуваат на македонски“.
Директен пристап до електронскиот формат на книгата: https://seds.org.mk/книга.pdf
Cobiss link: Фонд






