По повод 90 години од раѓањето на писателката Оливера Николова, во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се реализира работилница со учениците од VIII одделение при ООУ „Гоце Делчев“ – Битола, под менторство на училишниот библиотекар Маја Марковски и предметниот наставник по македонски јазик Емилија Прчкова.

Учениците имаа можност да истражуваат и да патуваат низ делата и животот на познатата писателка, која целиот свој живот го посвети на творештвото и зад себе остави голем број книги наменети за деца и возрасни.

За време на активноста, учениците добија задача самостојно да истражуваат и да откриваат нови информации, а потоа собраниот материјал да го споделат со своите соученици. Дел од ученици презентираа нивна подготовка за писателката и лектирнито издание „Девојките на Марко”.

Преку оваа активност, децата се запознаа со богатото книжевно наследство на Оливера Николова и ја почувствуваа важноста на нејзиниот придонес во македонската литература.

Пред учениците се обрати и директорката на библиотеката м-р Емилија Стефановска-Давкова која го потенцира значењето на еден писател и неговото творештво особено значењето на писателката Оливера Николова со која пораснаа и ќе растат уште многу генерации.

Оваа активност е дел од Проектот „Одбележување на значајни настани за историјата на Македонија“ кој е поддржан од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook