Денес, 05.03.2026 година, во ООУ „Стив Наумов“ – Битола се одржа работилница за креативно пишување со писателката Марија Трифуновска Тасеска.

Учениците од III-Б одделение научија дека хероите на светот сме сите ние, бидејќи секој од нас може да придонесе светот да стане подобро место. Хероите ги гледаме секојдневно околу нас – тоа се родителите, наставниците, другарчињата и сите оние кои се грижат за другите, за природата и за животните. Хероите имаат моќ да шират радост и љубов преку убави зборови, грижа за екологијата и одговорност кон светот и сè што живее во него.

Во текот на работилницата учениците ја развиваа својата креативност и ѝ помогнаа на Марија да ја заврши приказната за Сивко Безбојниот – лик кој ги крадеше боите на светот и стануваше посилен хранејќи се со лоши зборови, расправии и загадување на околината. Но, неговата слабост беа љубовта, добрината, другарството и разбирањето.

Секој ученик создаде свој херој со уникатно име, волшебна моќ и свои слабости. Со тимска работа, сите тие херои успеаја да го поразат Сивко Безбојниот и да ги вратат боите во светот, правејќи го повторно убаво и радосно место за живеење.

Учениците покажаа дека се вистински и храбри херои, ветувајќи дека и понатаму ќе го прават светот подобар и ќе продолжат да читаат и пишуваат.

Голема благодарност до наставничката Гордана Трифуновска, до училиштето „Стив Наумов“ – Битола и до сите ученици за прекрасната соработка, креативност и инспирација.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook