На 26 февруари, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, заедно со учениците од ООУ „Коле Канински“ – Битола, го одбележа Светскиот ден на раскажување бајки.
Во просториите на нашата библиотека, ликовите од најубавите бајки навистина оживеаја и зачекорија на сцената, носејќи ја магијата од книгите директно пред очите на публиката.
Црвенкапа, Пепелашка, Снежана и џуџињата, принцот и лошата маќеа, библиотекарката, ловецот, како и еден немирен лик кој мислеше дека не мора да чита затоа што сè може да најде на паметните телефони – сите заедно завршија во библиотеката. Токму преку оваа театарска претстава, децата сфатија дека, иако телефоните се „паметни“, тие не се доволно мудри кога станува збор за вистинските приказни, знаењето и вистината.
Во потрагата по точни одговори и заборавени вредности, сите патишта ги одведоа во библиотеката – единственото место каде што бајките се чуваат живи, каде што секоја книга зборува, а секој лик има своја вистина. Таму, меѓу полиците полни со книги, ликовите повторно ја пронајдоа својата суштина и силата на пишаниот збор.
Оваа волшебна театарска приказна ја оживеаја учениците од V-1 одделение, под менторство на Марина Станковска, кои со детска искреност, креативност и многу љубов покажаа дека бајките не припаѓаат само на минатото, туку живеат и растат заедно со сите нас.
Пред присутните гости, наставници, родители и ученици се обрати и директорката на нашата библиотека, м-р Емилија Стефановска-Давкова, нагласувајќи колку е важно децата да другаруваат со книгите уште од најрана возраст. Таа истакна дека читањето го збогатува речникот, ја развива фантазијата и им помага на учениците полесно да учат со разбирање – вештина што ниту еден уред не може да ја замени.
Настанот заврши со порака што одекнуваше посилно од аплаузот:
Книгите се срцето на секоја бајка, а библиотеката – домот каде што тие секогаш оживуваат.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook