Една од елементарните компоненти на читањето се песните кои имаат специфична композиција чиј основен елемент е стихот, кој има специфична звучност, значење и ритмика.
Повеќе стихови оформуваат строфа со посебен ритам, интонација, а може и рима.
Денес во ООУ „Стив Наумов“ во Битола реализиравме работилница под наслов „Игра со зборови и реченици“ обработувајќи ја песната за кокичето чиј бел цвет симболизира нов почеток и крај на зимата, често цветајќи и среде снег.
Преку разни мисловни активности учениците ги открија тие негови симболики дека тоа носи надеж и радост со својата упорност против студот, цвета дури и во најстудените денови често пробивајќи се низ снегот.
Потоа го опишуваа тоа прекрасно нежно цвеќе, со карактеристичен наведнат облик.
Во една пријатна и весела атмосфера изработија индивидуални ливчиња каде што го одредуваа бројот на зборови во стихот, бројот на стихови и бројот на строфи, а истовремено и сами ги одредуваа зборовите што недостигаат во секоја строфа, ја препишуваа песната на латиница и пееја песна за кокичето.
Во една таква атмосфера дојде до израз целата креативност на учениците кои можеби во иднина се гледаат и како поети.
Активноста ја завршивме со ветување дека следната работилница ќе ја реализираме во нашата библиотека каде самостојно ќе напишат некоја песничка.
Голема благодарност до наставничката Наташа Костовска и директорот на училиштето Никола Пискачев.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook