На 12.02.2026 г., во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“ – Битола, се одржа завршната работилница од проектот „Прочитај ја љубовта“ кој се реализира како соработка на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Ученици од прва до четврта година графичка струка, под менторство на професорките Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова и Катерина Спасовска-Маурдева, наставници по графички стручни предмети, изработија производи со реупотреба на материјали со што ја дополнија палетата на производи посветени на книгата, љубовта и виното.

На оваа работилница посебен акцент беше ставен на скенирањето и обработката на изработените цртежи од претходната работилница со користење на Photoshop, како и на дизајнот на обележувачи за книги, технички уредени во програмата Adobe Iluatrator. Фотографиите се оригинални творби на учениците, а мислите и пораките за љубовта, виното и книгата кои беа поставени на обележувачите се оригинални записи од учениците и професорите.

Дополнително беа испечатени минијатури со поезија од истакнати македонски поети, но и од наставници и ученици од ова училиштето, која што се подготви во форма на свитоци со намена за подарување на читателите на библиотеката.

Целата палета од овој проект ќе биде поставена во холот на Библиотека, за сите наши читатели да можат со себе да понесат дел од овие изработки.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook