Денес во нашата библиотека имавме креативна работилница со учениците од четврто одделение од ООУ „Даме Груев“ – Битола, кои со својата наставничка Јасмина Поповски и образовниот асистент Тања Котевска-Бабаровска ја реализираа оваа активност.

Работилница помина во една креативна и инспиративна атмосфера, каде децата имаа можност да ја изразат својата имагинација и тимска работа преку изработка на сопствена книга. Учесниците најпрво пишуваа интересни мисли и пораки за важноста на книгата, внесувајќи дел од своите идеи и чувства на хартија. Потоа работеа на компјутер, каде учеа како да ја уредат содржината, да ги обликуваат текстовите и да ја подготват книгата за печатење.

Со голем ентузијазам и креативност, децата цртаа и изработија уникатна корица, давајќи ѝ посебен печат на оваа книга. Во завршниот дел од работилницата, сите заедно ги составија страниците, внимателно поврзувајќи ги во една целина. Гордоста и радоста беа очигледни кај сите учесници, кои си заминаа со ново знаење, стекнати вештини и сопствено дело кое ќе им остане како убав спомен од заедничкото дружење и творење.

Директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска- Давкова ги испрати учениците со топла покана почесто да се дружиме во нашата Библиотека, да другаруваат со книгата и да продолжат да бидат креативни.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook