Во месец февруари, месецот на љубовта НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола беше на кафе и книга со младата писателка Марина Станковска, чија љубов кон пишаниот збор е нејзината пасија. Марина е одделенски наставник во ООУ „Коле Канински“ – Битола, мајка, сопруга и долгогодишен соработник на нашата библиотека. Во изминатиов период таа имаше адаптирано неколку драмски текстови кои нејзините ученици ги изведоа во просториите на нашата библиотека, а веќе во подготовка е нова драмската претстава.
Ја искористивме оваа можност да разговараме со Марина и за нејзината творечка пасија. Таа е веќе автор на две книги, од кои едната е проза, а другата е спој од проза и поезија наменета за деца.
На прашањето кога започнала да пишува таа ни одговори: „Почнав да пишувам од најмала возраст. Можам да кажам од мои 9 год. кога една едноставна домашна работа беше пофалена од мојата наставничка затоа што беше нешто несвојствено за таа возраст и нешто кое ретко се чита. После тоа учествував на сите литературни конкурси, испраќав песни и кратки раскази во детските списанија и во училишните весници. И не само тоа во слободното време или во некоја пладнина со кафе често знам да седнам и да напишам нешто. Но сето тоа само се береше во тетратки на лисја долги години. Пресвртот се случи за време на короната кога конечно седнав и почнав да селектирам и да ги пишувам во електронска форма. И тогаш се роди идејата да издадам книга. Му го ветив тоа на мојот покоен татко (само тој веруваше дека навистина ќе го направам тоа) и првата книга му е посветена него.“
Ја замоливме Марина да ни каже нешто повеќе за нејзините книги, како двете работи кои ги сака најмногу, образованието и творештвото ги преточува во едно: „Во ноември 2022 година излезе од печат мојата прва книга „Јас…“, дебитантска збирка од творби за деца што претставува спој на мојата педагошка мисија и љубовта кон пишаниот збор. Ова дело ја поставува основата на моето авторско патување во полето на детската литература. Книгата ја носи наградата на Дата ПЕСНОПОЈ-Битола „Муабети на Широк Сокак“.
Во октомври 2025 година излезе од печат мојата втора книга насловена „Зошто јас..?“ која е нешто многу посериозно и претставува една интимна одисеја што читателот го води низ болката, љубовта, загубата, среќата и копнежот. Загубата на човекот кој ме научи сé, но не и како да живеам без него ја преточив во стихови.“
За крај ја замоливме да ви се обрати вас, драги наши читатели:
„Поезијата за мене е лелекот на душата, бегство од реалноста ,тивок плач, разговор со самата себе.
За оние кои читаат знам дека ми се сродни по душа и можат да го разберат секого и тогаш кога не зборува и затоа да продолжат да читаат.Но оние кои не читаат време е да почнат,зошто во книгата ќе го најдат најверниот другар, ќе го најдат истомисленикот, ќе ја најдат најискрената прегратка и кога се среќни и кога се тажни.“
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook