Новата година ја започнуваме со дружење со нашите роднокрајни писатели. Овојпат, во рамки на проектот „Кафе и книга со наши локални писатели“, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се дружеше со роднокрајниот македонски писател Никола В. Ристевски – млад битолски поет, раскажувач, драмски писател и текстописец.

Во топлата атмосфера меѓу книгите разговаравме за неговото творештво, за тоа како еден правник создава поезија со специфичен јазичен израз и како пишува прекрасни драми кои со години наназад се изведуваат на сцена.

Никола ни откри дека уште од основно училиште бил привлечен од поезијата, особено од ритамот, римата и играта со зборови – елементи кои го прават неговото творештво препознатливо. Долго време пишувал пред да одлучи своите песни да им ги направи достапни на читателите. Охрабрен во својот стил, пред неколку години ја објавува својата прва книга „Македонски песнослов“ – дело што како да било загубено во времето, а денес повторно ја испреплетува историјата со сегашноста, задржувајќи ги поетиката на македонскиот фолклор и македонските дијалекти коишто го прават нашиот јазик уникатен и сложен.

Брате Манди, пајтонџија,

давам пари неброени,

пајтонот да го занесиш.

Брате Манди, пајтонџија,

давам пари неброени,

до дома да ме однесиш.

На прашањето како успеал да напише книга што по стил и дух нè враќа со векови наназад, исполнета со македонската историја, Никола одговори:

„Ние писателите сме перото, а Бог е раката што ги испишува словата – моите мисли се преточуваат во зборови и тоа е еден чудесен миг на вдахновение што воодушевува“.

Разговаравме и за неговите драми, за кои ни раскажа дека особено ужива во процесот на оживување на приказните и создавање текст што ќе биде прифатен од публиката. Голем дел од неговите драми се изведувани од деца и актери-аматери, коишто со своите настапи секогаш оставаат силен впечаток кај гледачите. Тоа се драмите: „Процес 180“, „Замрзната бајка“, „Снежилка“ и други.

Во разговорот Никола ни ги сподели и наградите што ги има добиено. Во март 2021 година, за својот краток расказ „Златниот медалјон“, ја добива наградата од Организацијата на жени на Општина Битола, која се доделува во соработка со нашата Библиотека. Ова признание ја потврдува неговата умешност и во раскажувањето.

Добива посебно признание од здружението „Зборци“ за зборот „екранка“, награден како нов македонски збор што треба да биде замена за англицизмот „screenshot“, и којшто се очекува да влезе во Дигиталниот речник на македонскиот јазик, а со надеж и за негова редовна употреба во секојдневниот говор – уште една потврда за неговата љубов и посветеност кон збогатување на македонскиот јазик. А секоја награда претставува дополнителна мотивација за новата книга што ни ја подготвува Никола В. Ристевски.

За крај, го замоливме Никола да упати кратка порака до нашите читатели:

„Пред сѐ, би сакал да им упатам важна порака на нечитателите: што побргу да станат читатели и да се препуштат на приказните, коишто, вешто сокриени, чекаат помеѓу кориците. А, на читателите единствено би им порачал да продолжат да читаат, посебно македонски писатели и да се насладуваат со плодовите на македонскиот збор.“

Нам ни преостанува само да му посакаме за брзо да ги промовира неговите нови книги, а вас драги читатели Ве покануваме да уживате во убавиот пишан македонски збор.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook