Со особено задоволство информираме дека Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола и СОУ „Таки Даскало“ – Битола склучија Меморандум за соработка, со што се поставува цврста основа за долгорочно партнерство во областа на образованието, практичната настава, културата и воопшто, младинскиот развој.

Во рамки на оваа соработка, покрај набавката на задолжителни лектирни изданија за учениците од I до IV година средно гимназиско и стручно образование, како и реализацијата на различни настани и едукативни активности, Библиотеката активно учествуваше и во спроведувањето на практична настава за учениците од графичката струка при СОУ „Таки Даскало“ – Битола.

Практичната настава беше реализирана во Одделението за заштита и репрографија, под менторство на Јулијана Христовска-Кулевска и проф. Весна Мундишевска-Вељановска, каде што учениците работеа на реставрација на книги, подетално: изработка на корици, укоричување, лепење и шиење, по што учениците беа и формално оценети за нивната практична настава, што е најзначаен дел за нивното формално образование.

Со ваквите активности, Меморандумот за соработка добива своја конкретна и суштинска примена, а двете институции заеднички придонесуваат кон развојот на знаењето, креативноста и професионалните вештини кај младите, со што учениците директно се оспособуваат за вклучување на пазарот на трудот.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook