Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, вчера се реализира креативна работилница со учениците од трето б одделение од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, под менторство на наставничката Мелина Христова кои во оваа прилика креираа прекрасна сликовница со наслов „Тајната на шупливото дрво“.

Во работилница учениците креираа приказни по слики, техника која особено кај децата во пониските одделенија придонесуваат за: развој на говорот (правилен говор и изговор), развој на мислењето, способност за усно и писмено изразување, се развива фантазијата и креативноста. На ваков начин се поттикнува разбирање на говорот и се збогатува вокабуларот.

Пишувањето на приказна по слики го поттикнува детето да користи нови зборови за да ги опише ликовите, местата и случувањата. На овој начин се развиваат вештини за опишување, се поттикнуваат на внимание, ги развиваат вештините за набљудување, забележување на детали, развиваат критичко мислење. Ова е најдобар начин да ги увежбуваат граматичките и правописните правила.

Преку овие активности кај децата се развива мотивацијата и љубовта кон книгата: кога ќе создадат приказна самостојно, децата чувствуваат успех и гордост, што ги мотивира повеќе да читаат и пишуваат.

За крај на активноста директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова ги поздрави учениците посочувајќи им дека другарувањето со книгата е нај волшебното нешто во нивната возраст и за да продолжат да читаат им подари книги кои се во издание на Библиотеката, за нивната училишна библиотека.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook