Библиотеката како борец во првите редови против неписменоста се повеќе се стреми преку своите активности кои ги реализираме во неа и надвор од неа, да ги запознае читателите со корените и значењето на македонската писменост, а со тоа да им ги прошири знаењата и да им ги отвори сите прозорци кон светот.

Големо дело е да описмениш еден народ, своето знаење да го пренесиш на другите и да создадеш подобра иднина за сите. Тоа го направиле просветителите Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Истовремено се развива и учебникарската дејност, а литературната дејност во првата половина на XIX век е многу скромна и по обем и по уметнички достигнувања.

Со создавањето на македонската граѓанска класа расте свеста за неопходноста од употреба на народниот јазик во црквите и училиштата, како и потребата за печатење книги за таа намена.

На почетокот од 19 век, во време на османлиско владеење и грчка доминација во црквите, зачувувањето на верата и јазикот значи зачувување на националноста.

Првите просветители, Крчовски и Пејчиновиќ, сфаќајќи ја нужноста од зачувување на верата со своите проповеди се обидуваат морално да го подучат неукото македонско население. Тие се против пиењето, против незнаењето, суеверието, развратот, лошите човекови особини, против нехристијанското празнување и воопшто однесување. За да му се приближат на неукиот народ тие го користат народниот говор и на истиот тој јазик ги отпечатуваат своите книги – првите книги на народен македонски јазик. Тие не се оригинални автори, зашто нивните текстови се обично прераскажани познати религиозни текстови, но значењето е во свеста што црковнословенскиот јазик го заменуваат со народниот.

Денес со учениците од СОЕУ „Јане Сандански“ од Битола реализиравме книжевно – креативна работилница за значењето на просветителството, читавме извадоци од книгите и направивме целосен осврт на критики кои се однесуваат на овој период од македонската писменост. Работилницата им отвори нови хоризонти и ги потсети дека знаењето не е само информација туку тоа е патување, искра и наследство што живее во секој што допрел до книгата. Се разви плодна дискусија за значењето на тогашните македонски просветители и колку тие придонесоа за ова што сме денес.

Голема благодарност до професорката Христина Зариевска и директорката Биљана Јанкуловска.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook