Во периодот од 29 септември до 3 октомври 2025 година се реализира значајна работна посета на Република Малта од страна на делегација на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, во соработка со Канцеларијата за Југоисточна Европа при Global Council for Tolerance and Peace. Оваа посета беше еден од највисоките облици на меѓународна институционална промоција на Библиотеката, со особен акцент на нејзиниот културен придонес, развојниот континуитет и идната меѓународна позиционираност.
Делегацијата беше составена од м-р Емилија Стефановска-Давкова, директор на Библиотеката, м-р Зоран Јанакиевски, советник за информатички работи и проф. д-р Зоран Илиевски, раководител на Канцеларијата за Југоисточна Европа при Global Council for Tolerance and Peace .
Во рамки на посетата беа реализирани низа значајни дипломатски, академски и културни средби, проследени со потпишување на документи за соработка и претставување на Библиотеката како современа и иновативна институција со респектабилна традиција.
На 30 септември се одржа средба со Н.Е. Абдула Алзабиди, Шеф на Канцеларијата на Арапската лига во Малта, надлежен за соработка со Европската Унија. На оваа средба беше свечено потпишан Меморандум за соработка помеѓу НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и целата Арапска лига, со што се постави формална рамка за идна културна, образовна и информативна размена. Покрај поклонувањето на вредни изданија, меѓу кои и „Монографија 80 години НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола (1945–2025)“ и публикацијата „Историја и развој на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола (1945–2025)”.
Истот ден, беше остварена и средба со пратеникот г. Глен Бедингфилд, член на раководниот тим на Министерството за Јавна Чистота на Малта и активен пратеник во малтешкиот Парламент. Средбата резултираше со зголемена понатамошна поддршка за културна и библиотечна соработка на институционално и интернационално ниво.
На 1 октомври делегацијата беше примена во просториите на Парламентот на Малта. Прво се одржа подготвителен брифинг со амбасадорот Џозеф Кол, дипломатски советник на Претседателот на Парламентот, а веднаш потоа следуваше и средба со г. Анѓлу (Ангело) Фаруџија, Претседател на Домот на пратеници на Малта. Разговорите се одвиваа во дух на отворен дијалог и беа насочени кон иницирање меѓупарламентарна културна размена, поддршка на проекти, како и споделување добри практики меѓу институциите.
Последната посетата се случи на 2 октомври, со свечената и содржински богата работна посета на Националната библиотека на Малта. Во просториите на оваа значајна институција беше организирана тематска изложба од изданијата на нашата Библиотека и преку видеопрезентација беше прикажан развојниот пат на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, нејзината мисија, улога и достигнувања. Посебен акцент беше ставен на нејзиното издаваштво, вклучувајќи ги последните две публикации од 2025 година, коишто се авторски трудови на директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова, во соработка со тимот составувачи: Зоран Јанакиевски, Маријан Колевски, Илче Стојановски и Слободан Пачовски.
Во рамки на оваа посета, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и Националната библиотека на Малта, кој предвидува заедничка работа на проекти, размена на материјали и искуства, организација на изложби и соработка во доменот на библиотечните практики. Со тоа се создава основа за долгорочно партнерство помеѓу двете институции.
На сите посети делегацијата подари книги, реперезентативни материјали и три слики со мотив на филигранска пеперутка — еден од најпознатите и длабоко вкоренети симболи на македонската културна традиција.
Последниот ден од посетата беше посветен на финализирање на активностите, размена на контакти и дефинирање на натамошни чекори за имплементација на договорената соработка. Посетата ја потврди подготвеноста и зрелоста на Библиотеката да биде активен чинител на европската и меѓународната библиотечна сцена, како и носител на културна промоција и дијалог во поширокиот регионален и глобален контекст.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook