Во рамките на проектот „Работилници за деца со посебни потреби“ ја одбележавме Детската недела под мотото „ЗДРАВО ДЕТЕ = СРЕЌНО ДЕТЕ”, заедно со библиотекарската секција од Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ со организирање настан наменет за учениците – првачиња кои оваа година го започнуваат своето основно образование.
Настанот се реализира во соработка со:
Координаторите на активностите:
– Претседател на библиотекарската секција – специјален едукатор и рехабилитатор
– Одделенски раководители – специјален едукатор и рехабилитатор и сурдолог
– Логопед
– Библиотекари од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола
Целта на настанот беше:
– Да се поттикне љубовта кон книгата и читањето уште од најрана возраст
– Да се нагласи значењето на читањето во когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој на учениците со атипичен развој
– Да се истакне колку е значајна улогата на литературата, особено лектирите, во едукацијата и рехабилитацијата на учениците со посебни потреби.
Водечка книга на настанот беше лектирното дело „Касни, порасни”, кое преку стихови ги запознава децата со разновидниот свет на овошјето, поттикнувајќи ги на здрави навики, креативност и говорен развој. Преку игри, читање, драматизација и креативни активности, најмалите имаа можност да се запознаат со книгата, да комуницираат и соработуваат, како и да го почувствуваат задоволството од учењето преку читање.
Како знак на добредојде во светот на книгите и поттик за понатамошно читање, на сите ученици – првачиња им беа врачени членски книшки од страна на директорката на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова.
Оваа работилница претставува значаен и симболичен почеток на Детската недела и е прв чекор кон изградба на позитивна и инклузивна читачка култура.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook